„Спејс-екс“ успешно ја тестира ракетата „Старшип“
Американска компанија „Спејс-екс“ презеде голем чекор во развојот на новата ракета „Старшип“, која е дизајнирана за патување во длабоката вселена, по успешно завршениот тест. Ракетата „Старшип“ е дизајнирана да пренесува товар и луѓе до Месечината и до Марс, а успешното тестирање во Тексас е чекор кон таа цел.
Прототипот на ракетата беше подложен на тестирање на суперладен притисок и остана непроменет на рампата, за разлика од претходните тестирања, кога беа уништени другите примероци. Успешно спроведениот тест подразбира полнење на ракетата со екстремно ладен течен азот, за да се види дали таа ќе може да издржи на истите температури и притисоци што ја чекаат кога ќе се наполни со гориво за лансирање. „Спејс-екс“ претходно изгуби три прототипи при неуспешни тестирања.
Инженерите сега ќе го постават новоразвиениот мотор „раптор“ на „Спејс-екс“ во базата на прототипот и потоа ќе го активираат. Меѓутоа, ракетата ќе биде приврзана, бидејќи целта е да се провери дали моторот работи правилно. „Раптор“ беше развиен специјално за „Старшип“, а конечниот дизајн на ракетата ќе има шест такви мотори.