Постарите телефони со Андроид со заштита на приватноста
Корисната функција неодамна воведена за Андроид 11, која ја штити приватноста на корисниците, сега стигнува и до постарите модели. Софтверските инженери на „Гугл“, Петер Висонтај и Беси Џијанг, рекоа дека тоа е функција за автоматско поништување на дозволите што им се даваат на апликациите, која ќе биде достапна за сите уреди, од Андроид 6.0 до понови.
Функцијата се очекува во декември, а промената може да влијае дури на две милијарди уреди во светот. Само една четвртина од трите милијарди активни уреди со Андроид во светот користат Андроид 11 и понови, додека релативно мал број користат Андроид 6 и постари оперативни системи.
Андроид 11 има функција за автоматско поништување. Оваа функција помага да се заштити приватноста на корисниците со автоматско одземање на дозволите за активност на апликациите ако не се користат неколку месеци – велат инженерите.
Некои дозволи може да предизвикаат загриженост за безбедноста, особено ако биле дадени порано, а потоа заборавени. Примери се дозвола за „читање“ телефонски броеви, СМС, снимање звук, пристап до податоци за локација или пристап до камерата. Некои апликации ќе бидат исклучок, вклучувајќи и фабрички апликации или апликации што работат исклучиво во заднина, како што се апликациите за безбедност на децата.