Српскиот филм „Такси блуз“ годинава успеа да го насмее целиот регион. Филмот е окарактеризиран како еден од најгледаните во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, а веќе има голем број обожаватели и кај нас. За тоа говори и фактот што трејлерот е виден повеќе од 500.000 пати на интернет.
Фантастичниот резултат на „Такси блуз“ се темели на забавното сценарио и препознатливиот хумор, како и на атрактивна актерска екипа што ја предводат: Андрија Милошевиќ, Тодор Јовановиќ, Милена Предиќ, Александар Томиќ, Сергеј Трифуновиќ, Никола Ѓуричко и Никола Пејаковиќ. Режијата ја потпишува Мирослав Стаматов, кому ова му е прво долгометражно остварување.
Во филмот „Такси блуз“ во една урнебесна ноќ на белградскиот таксист Марко (Андрија Милошевиќ), животот му се врти наопаку. Заплетот почнува кога ќе се појави едно момче, избегано од дом за деца без родители, кое влегува во таксито во потрага по исчезнатиот татко, од кого има само слика, откако останува без својата мајка. Таа ноќ, Марко вози цела галерија чудни ликови. Инаку, тој е драматург без работа, кој заработува како таксист. Ноќта е луда, а сите случки на публиката ѝ се урнебесно забавни.
Филмот беше прикажан на повеќе фестивали, а последен е Филмскиот фестивал во Мостар.