Ненад Деспотовиќ, дистрибутер на весници на „Нова Македонија“
Веќе триесет години колпортерот Ненад Деспотовиќ е во нераскинлива врска со весникот „Нова Македонија“. Тој е задолжен за негова дистрибуција во Скопје, а овој занает, како што вели, самиот го изучил. Во далечната 1991 година, од родниот Трстеник, гратче во Србија, во близината на Крушевац, со Елида, сопругата Македонка, со која се запознал на одмор на Јадранот, поради политичките услови во својата земја решава да се пресели во Скопје.
Иако по професија е техничар и работел 15 години во струката, по доаѓањето во Македонија почнал да се занимава со нешто сосема ново за него.
– Прво почнав да работам со дистрибуција на списанијата „Огласник М“ и „Фокус“, а потоа и на дневните весници „Нова Македонија“ и „Вечер“, потоа и „Дневник“, „Вест“, „Утрински весник“, како и „Слободен печат“ од пред неколку години. Колпортерството тогаш беше во најголем ек. Се сеќавам, тогаш имаше 120 колпортери само во Скопје и добра продажба на весници, а беа со солидна цена. „Нова Македонија“ и „Вечер“ чинеа 30 денари, а „Огласник М“ педесет. Но кога почна да излегува „Дневник“, со цена од 5 денари, се намалија цените и на другите весници. Со дистрибуција на „Нова Македонија“ почнав точно пред 28 години, кога по распадот на НИП-от ја купи „Зоник“. А сега, кога сум на крајот на работниот век, ми остана само дистрибуцијата на првиот дневен весник во земјава – вели Деспотовиќ, единствениот дистрибутер на дневен печат во Скопје.
Нему и на неговото семејство, сопруга и седум деца, оваа професија им овозможила солиден живот.
– До пред неколку години беше добра заработката, но со масовното ширење на Интернет, тиражите паднаа. А некогаш, прво „Вечер“, а потоа и „Вест“ и „Дневник“, се случуваше да имаат дневен тираж по 100.000 примероци. Рекорд на продадени весници на ден се 11.000 броја на неделникот „Денес“, кога на насловната страница пишуваше дека, наводно, претседателот Киро Глигоров ја изневерува сопругата Нада. Се сеќавам, тогаш се договорив со првите луѓе на неделникот броевите да ги преземам во Петровец, за секој случај, бидејќи се печатеше во Кочани. Многу се продаваше и магазинот „Фокус“, додека негов уредник беше Никола Младенов, и самиот сум продавал на улица по 2.000 броја за неколку часа. За жал, тие беа златни времиња, а новите технологии многу ги намалија тиражите. Сепак, доколку има некој подарок, продажбата сѐ уште е одлична, како неодамна кога во „Нова Македонија“ како подарок одеше албумот со сликички за ЕП во фудбал – ни рече Деспотовиќ.
Тој посочи дека нашиот весник одлично се продавал и кога беше организатор на манифестацијата „Богојавление-Водици“, кога имало ангажирано колпортери да го продаваат весникот.
– Весникот го продава или добра содржина или подарок што оди со него. Верувајте, и денес има луѓе што секој ден со нетрпение чекаат да го земат во рака новиот број на „Нова Македонија“, која има богата содржина и секој ден специјализирани пролози – открива тој.
Неодминливо беше и прашањето дали колпортерите порано добивале бакшиш.
– Бакшиш на уличните продавачи секогаш им даваше политичарот Љубчо Георгиевски, а понекогаш и бизнисменот Орце Камчев. Бидејќи порано имаше група колпортери што носеа весници во скопските кафеани и летни бавчи, секогаш таму ќе се најдеше некој да ги почести сок или пиво. Одреден период имаше и продавачи што ги извикуваа актуелните наслови, впрочем, како што се правеше секаде по светот. Сите беа задоволни, бидејќи заработуваа по 15-20 отсто од продаден врсник – вели Деспотовиќ.
Тој и денес, како и на почетокот, секојдневно е во допир со весниците, освен во сабота, кога се одмора на своето лозје во Соње, во близината на Скопје. Тој и денес ги сака секојдневните контакти со луѓето и вели дека не се чувствува уморно. Ни откри дека порано бил и фудбалер, а на работни акции учествувал 35 пати.
Неговиот работен ден почнува во 16 часот попладне и трае до 22 часот навечер, а наутро од 6 до 8 часот. Кога ќе ги добие новите броеви, тој им ги дели на петтемина соработници доставувачи, кои ги носат на одредени адреси на претплатниците во Скопје. Тој долги години работи со: Благоја, Хусеин, Марјан и неговиот син.
– Тие се добри и вредни луѓе и секојдневно работат во секакви услови, од минус 20 до плус 40 степени. Тие, за разлика од мене, доставата ја вршат со велосипеди. Инаку, јас секојдневно минувам по педесетина километри со својот автомобил, бидејќи брзината е многу важна во оваа работа. Ќе работам сѐ додека можам, додека ме служи здравјето, бидејќи, како што гледам, младите не се заинтересирани за оваа работа – вели тој.
Ненад од напишаното во весниците следи спорт, а на другите страници нешто ако го привлече со интересниот наслов.
– Доколку новинарите во весниците сакаат да привлечат читатели, мораат да излезат на терен, да донесат нешто ново во весникот, да се занимаваат со проблемите на граѓаните, секаде има интересни луѓе, со интересни приказни и проблеми од јавен интерес. Телевизиите се полни со политика, новинарите во весникот доцнат, затоа треба да понудат нешто ново, со оригинални и тазе, убави приказни и тиражите да се зголемат – вели Ненад Деспотовиќ, кој посакува да се вратат златните денови на колпортерството.