Кога не знаете што да направите со себе, ви недостига добро друштво, а надвор врне и не е баш за излегување, ви предлагаме неколку филма што ќе ве расположат, а некои од нив и ќе ве насмеат до солзи.

„Мамурлак“

Два дена пред венчавката, Даг, кого го глуми Џастин Берт, оди во Лас Вегас со своите двајца најдобри другари Фил и Сту (Бредли Купер и Ед Халмс), и со својот иден баџанак Алан (Зак Галифианакис), за да се забавуваат на луда ергенска забава, за која сите четворица се колнат дека никогаш нема да ја заборават. Меѓутоа, кога сите тројца утредента се будат со голем мамурлак, никој од нив не се сеќава на ништо. Нивниот хотелски апартман е уништен, а младоженецот Даг исчезнал. Режијата на оваа урнебесна и сега веќе култна комедија е на Тод Филипс.

„Тропска бура“

Познатиот американски комичар Бен Стилер е режисер и еден до сценаристите на оваа успешна комедија. Во филмот се појавуваат и други холивудски ѕвезди, како Џек Блек, Роберт Дауни Јуниор, Брендон Џексон… Дејството на комедијата се одвива за време на снимањето на она што би требало да биде најголем воен филм на сите времиња, но набргу се претвора во вистинска битка со хероински картел. Филмот изобилува со неповторливи, смешни сцени.

„Воли“

Овој анимиран филм е трогателна приказна за сите генерации гледачи, а не само за најмладите. Ни ја раскажува приказната од иднината, во која еден мал робот што собира отпад случајно завршува на едно вселенско патување, кое ќе ја одреди судбината на целиот космос.

„Аватар“

Режисерот Џемс Камерон креираше фантастичен свет на планетата Пандора. Аватар не е само приказна за друг, фасцинантен свет, туку и за херојската битка на човекот за спас на цивилизација на вонземјани. Овој филм е еден од оние што направиле револуција во анимацијата. Награден е со три „оскари“ и уште со 85 престижни награди.

„Единаесеттемина на Оушн“

Стивен Содеберг е еден од најинтересните американски автори, чија кариера се состои од менување на изразито комерцијални продукции во елитистички арт-филмови. Содеберг се прослави со култниот „Секс, лаги и видеоленти“, со кој во 1989 година освои „златна палма“ во Кан, а по речиси една деценија се проби во првата лига американски режисери со филмовите „Далеку од очите“, „Ерин Брокович“ и „Сообраќај“.
Криминалистичката, шпионска комедија „Единаесеттемина на Оушн“ на Содеберг, сега веќе е култен филм, во кој глумат: Бред Пит, Џорџ Клуни, Џулија Робертс, Енди Гарсија, Мет Дејмон и други.

„Киднапирање“

Откако нејзиното момче ќе ја откачи непосредно пред да замине на егзотичен одмор, Емили ќе ја замоли мајка ѝ да ја придружува на патувањето во Еквадор. Но двете жени ќе бидат киднапирани во опасните делови на Колумбија… Бројот на славни имиња во овој филм е огромен, па, така, Бред Пит е во улога на непобедлив боксер, Денис Фарина е шеф на банда, Беницио дел Торо го игра Френки со четири прста, а тука се и Џејсон Статам, Вини Џонс и Раде Шербеџија. Сите заедно брилираат во неповторливиот приказ на лондонскиот полусвет, на валкани боксерски рингови и задушливи мафијашки соби. Филмот е одлична забава, а динамиката и акцијата ќе ве држат приковани за екранот до последната секунда.

„Невиниот 40-годишник“

Џад Апатов го запознавме како продуцент на најдобрите хумористични тинејџерски серии во почетокот на 2000 година. Тука го запознаваме како режисер на забавна и интелигентна комедија, која на чувствителната тема, како што е невиноста во 40-та, успева да ѝ пријде со многу разбирање и зрелост и сосема да избегне какво било потсмевање, а повторно да успее да ги насмее гледачите.