Компанијата „Спејс екс“ има голем број сателити во вселената што имаат многу блиски средби секоја недела и доаѓаат во потенцијална ситуација за судир.
„Спејс екс“ лансира сателити во вселената за да ја создаде сѐ уште растечката интернет-мрежа Старлинк, која веќе е составена од илјадници сателити во „пренатрупаниот“ универзум. Бројот на блиски средби е во пораст, така што овој проблем ќе се зголеми во блиска иднина, пишува „Лајв сајенс“.
Европската вселенска агенција проценува дека во вселената има 7.520 сателити што лебдат во нивните орбити и дека тие честопати имаат блиски средби. Инаку, блиска средба се смета за ситуација во која летачките објекти се на растојание од еден километар.
Базата на податоци „Сократес“ го следи движењето на сателитите, како и вселенскиот отпад, за да се процени ризикот од судир. Кога ќе се открие опасност од блиска средба, „Сократес“ испраќа предупредување до сателитските оператори, кои прават соодветни маневри за да избегнат судир.Акутното зголемување на бројот на сателити се совпаѓа со програмата „Старлинк“, а со тоа бројот на блиски средби драматично се зголемил во изминатите две години, барем според експертот Хју Луис од Универзитетот во Саутемптон. Според него, сателитите „старлинк“ имаат дури 1.600 блиски средби неделно. Покрај тоа, тие имаат 500 блиски средби со други сателити во вселената.
„Спејс екс“ лансира 1.740 сателити, но тоа е само почетната фаза од програмата, која вклучува околу 12.000 сателити. Сателитите „старлинк“ се дизајнирани автономно да избегнуваат судири со промена на нивниот тек во ризични ситуации и влегување во различна орбита.
Дури и мал судир, како оној што го доживеа кинескиот „Јунхај 1-02“ оваа година, создава големо количество отпад што мора да се следи, бидејќи претставува зголемен ризик од нови судири во иднина.