Научниците сугерираат да се користат глувци како „патници“ на беспилотниот лет на новиот руски вселенски брод „Орел“ околу Месечината во 2028 година, изјави за „Спутник“ Владимир Сичов, заменик-директор за наука на Институтот за биомедицина на Руската академија на науките.
– Има планови во беспилотното летало „Орел“ околу Месечината да се испратат животни, но тоа не зависи само од нас. За изработка на потребната опрема за чување на животните ќе биде потребно да се распределат средства во рамките на Федералната вселенска програма на Русија – објасни Сичов.
Тоа најверојатно ќе бидат глувци, затоа што треба да бидат испратени оние животни што веќе се проучуваат.
– Би било пожелно да имаме стаорци, но тие се доста големи, а за да биде нивниот број доволен за истражување, потребно е многу простор – додава научникот.
Претходно беше објавено дека првото пробно лансирање на вселенското летало „Орел“ ќе биде извршено во август-септември 2023 година, на ракетата „Ангара А5“ од космодромот „Восточни“. За 2024 година е планиран беспилотен лет, а во 2025 година лет со екипаж до Меѓународната вселенска станица.
Тест-летовите се планира да бидат завршени во 2028 година и леталото да почне со работа. Планирано е да лета околу Месечината во 2029 година, а во 2030 година руските астронаути треба да слетаат на површината на Месечината.