Омаж во чест на славниот тапанар
Членовите на рок-групата „Ролингстоунс“ објавија видео во чест на Чарли Вотс, кој почина минатиот вторник на 80 години.
Светот на рокенролот се обедини да упати последен поздрав до Вотс, кој почина опкружен со членовите на своето семејство во болница во Лондон.
Неговите колеги од бендот – Кит Ричардс, Мик Џегер и Рон Вуд – поединечно се огласија, но сите заедно објавија и видео во чест на својот колега и пријател.
Во двеминутниот исечок, објавен на социјалните мрежи, прикажана е монтажа од фотографии и видеоинсерти со Вотс, од неговата 60-годишна кариера со бендот, од самите почетоци до сегашните турнеи. Видеото прикажува и стари снимки на Вотс, кога размислувал дали да го прифати предлогот на „Стонси“ да биде нивни член во 1963 година, признавајќи дека мислел оти дружбата ќе трае само една година.
Вотс е познат како најсмирен и најелегантен во бендот, бидејќи често носел костуми шиени по мера, што била една од неговите карактеристики.
Омажот завршува со фотографија на неговиот комплет тапани со натписот „затворено“, што е закачен на нив.
Кит Ричардс ја употреби истата фотографија со која лично се прости од Чарли на социјалните мрежи, додека Мик Џегер одлучи да стави една смешна фотографија на својот пријател во збогувањето.
Вуд на Твитер сподели негова слика од Вотс, под која напиша: „Те сакам близнаку мој, многу ќе ми недостигаш – најдобар си“.
Инаку членовите на „Ролингстоунс“ во септември треба да ја започнат својата турнеја во САД, насловена „Без филтер“ (No Filter), а нивниот претставник за односи со јавноста потврди дека ќе се придржуваат до првобитниот план, наспроти смртта на Вотс, кој, секако, немало да биде дел до турнејата, бидејќи заздравувал од еден медицински зафат.