Ако ѕидовите обично се прават да ги разделуваат луѓето оваа инсталација на розови лулашки на американско-мексиканската граница успеа да ги спои луѓето од двете страни. „Титер тотер вол“ сега е прогласен за дизајн на 2020 година и ја доби наградата „Бизли“ што ја доделува Лондонскиот музеј за дизајн, пренесува Би-би-си.
Лулашките беа поставени на ѕидот, овозможувајќи им на луѓето од двете држави заедно да се играат. Розевите лулашки биле поставени од Роналд Раел и Вирџинија Сан Фратело во зоната Анапра во Сиудад Хуарес во Мексико. И покрај тоа што беа тргнати по само 20 минути, снимките од луѓето кои се играат на нив го обиколија светот.
Креаторите поминале 10 години на проектот и рекле дека сакаат да разговараат за прашањето за границата на „многу искрен начин, но користејќи хумор“.
– Титер торет вол“ поттикна нови начини на поврзување на луѓето. И понатаму останува инвентивен и трогателен потсетник за тоа како луѓето можат да ги надминат силите што се обидуваат да не разделат – изјави Тим Марлоу, извршниот директор на Лондонскиот музеј за дизајн, кој ја додели наградата за инсталацијата.