На северот на Финска
На снежниот север на Финска во овој период од годината вообичаено е полно со туристи, кои можат да се видат во забавниот парк на Дедо Мраз или како се возат во големи санки што ги влечат ирваси, во снежните дворци или пред куќата на најпознатиот белобрад дедо на светот што ги исполнува детските желби. Но оваа година сѐ е поинаку. Поради ограничените патувања годинава нема многу луѓе во лапонскиот град Рованиеми, а веселата божиќна земја на чудата изгледа како напуштен град со духови.
– Ова беше една поинаква и тешка година – изјавил Дедо Мраз за агенцијата АФП, седејќи зад преграда од плексиглас, која е наместена во неговиот дом.
Тој додал дека ретките посетители го ценат тоа што барем за миг тука можат да ја почувствуваат божиќната радост и да ја заборават оваа неизвесна 2020 година.
А оние што не можат да стигнат до Лапонија, можат да купат разговор со Дедо Мраз, по цена од 79 евра, во траење од пет минути.
Услуга што е сѐ попопуларна.
– Луѓето годинава најмногу ме молеа за среќа, здравје, но децата и натаму бараат играчки и разни други игри – вели тој.
Од 1980 година Рованиеми, град што се наоѓа во Финска, десетина километри јужно од арктичкиот круг, е промовиран како вистинскиот дом на Дедо Мраз. Благодарение на тоа, Лапонија лани привлече рекордни 2,9 милиони туристи, најмногу од Европа и од Азија. Годинава посетата е намалена на 500.000 луѓе, и тоа во периодот до мај, додека пандемијата сѐ уште не беше раширена.
Во својата куќа Дедо Мраз и џуџињата ги распоредуваат илјадниците писма што секојдневно пристигнуваат на неговата адреса од целиот свет.