Во малиот британски град Шопшир, поетесата Дебора Алма одлучила да ја отвори првата поетска аптека, бидејќи верува дека во случај на душевни проблеми ниеден лек не може да дејствува како – песната. Нејзината аптека издава песни на рецепт.
Дебора Алма во последните шест години водела „Итна поетска служба“ во училиштата, на фестивали и на голем број настани и со амбулантно возило им пропишувала песни на луѓето, како лек за нивната психичка состојба.
Алма открила дека кога ја забележала малата, напуштена продавница во Шопшир, одлучила заедно со својот партнер Џејсон Шерд, исто така поет, да ја отвори првата поетска аптека во светот, токму на ова место. Во аптеката книгите ги организирала според расположението, поточно според емоционалните проблеми против кои помагаат, како стрес, скршено срце или исцрпеност.
Таа нуди и поетски консултации, на кои на пациентите им поставува внимателно одбрани, осмислени прашања, а како лек им пропишува песни. Нејзината идеја засега наиде на одлични реакции на жителите на овој мал британски град.
– Мислам дека тоа е посебна вештина да се избере вистинската песна за некоја личност, откако со неа ќе поразговарате и малку ќе ја запознаете – вели Алма.
Таа додава дека идејата за лекување со поезија ја добила откако работела со пациент што страда од деменција, кога, како што вели, забележала дека токму поезијата може да влијае на промена на расположението кај пациентите.
– Забележав дека поезијата може сосема да смени нечие расположение и дека луѓето одеднаш почнуваат многу внимателно да слушаат. И пред да почнам да го работам ова, пријателите со скршено срце често доаѓаа кај мене на шолја чај и пригодна песна – вели поетесата.