Денеска е денот „Д“ за сите деца, љубители на убавата песна. Почна 48. издание на најстариот детски фестивал во Македонија „Златно славејче 2018“, што ќе трае до 19. ноември.

Овојпат, славејчињата ќе пејат во салата на Македонската филхармонија, а сите претстави се со почеток од 11, 13 и во 17 часот во сабота и недела. Во недела ќе се одржи и претстава во 19 часот, која ќе се снима и ќе биде емитувана на една од македонските национални телевизии.

-Ветуваме одлична забава и атмосфера со специјални ефекти и секако многу насмеани детски лица, вели првиот човек на фестивалот Бобан Јосифовски.

Јосифовски најави дека се преговара фестивалот да трае уште еден ден, поради големиот интерес на училиштата од цела Македонија.

Организатор на оваа традиционална манифестација е Советот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје, а водител на фестивалот е популарниот Марко Новески, кој во оваа улога беше и во 2006 и 2007 година. Ни рече дека, ужива во повторната дружба со славејчињата.

Инаку и годинава на фестивалот ќе има многу игриви, весели и распеани детски песнички, сите веќе се ставени на цеде „Златно славејче 2018“.

Годинава, фестивалот ќе го посетат над 7.000 деца и се надеваме дека и од ова издание ќе останат да живеат многу рефрени кои го опеваат деството и сите негови палавости.

М.Т.