Откако ќе ја одбереме дестинацијата што сакаме да ја посетиме, следува оној дел на барање сместување. Освен добра локација, битно ни е дали е куќа или апартман. Кога е во прашање приватното сместување, многумина бараат решение на страницата „Ер-би-ен-би“, но малкумина знаат дека постои и негова зелена верзија „Еко-би-ен-би“.
Сѐ повеќе патници денес сакаат и очекуваат нивното патување да биде автентично, одржливо и одговорно, а тоа вклучува еколошко сместување и уникатни екоискуства. „Еко-би-ен-би“ е онлајн платформа што комбинира еколошко сместување со автентичен рурален туризам и искуства за екотуризам. Целта е, според тоа, да се промовира зелениот туризам и автентичен начин на патување заснован на почитување на природата и откривање на помалку познати дестинации.
„Ер-би-ен-би“ е создаден пред пет години во Италија, но платформата почна да се шири многу брзо благодарение на поддршката од Европската комисија, па за релативно кратко време се прошири во Австрија, Германија и во Швајцарија.
Да се влезе во листата на оваа платформа, апартманите или хотелите мора да исполнува минимум пет од десет екостандарди што придонесуваат за намалување на трошоците и подобрување на еколошката одржливост на објектот. А тука се вбројуваат органска храна, зелена изградба, 100 отсто обновливи извори на енергија, соларни панели, одвојување на најмалку 50 отсто отпад, еколошки детергенти, пристап без автомобили, осветлување за заштеда на енергија, редуктори на вода и собирање и повторна употреба на дождовница.
На страницата можете да најдете неверојатни куќи од дрвја, екохотели, органски куќи, „зелен кревет и појадок“ и многу повеќе интересни места низ цела Европа. Исто така може да се прочитаат различни совети за патување, искуства во кои можете да уживате и интересни приказни и информации за дестинациите.