Нашата спектакуларна планета има толку многу чуда за истражување. Но постојат места што се едноставно премногу опасни, премногу заштитени или можеби премногу специјални за посета – дури и за најголемите авантуристи. Ви ги претставуваме местата што се целосно отсечени од надворешниот свет

Областа 51, Невада
Ниедна листа на забранети места не би била комплетна без да се спомене Областа 51, како што се нарекува базата на американското воено воздухопловство „Едвард ер форс“, лоцирана во Јужна Невада. Областа е затворена во тајност и иако долго време се веруваше дека е лабораторија за тестирање експериментални летала и оружје, омилена теорија на теоретичарите на заговор е дека базата е местото каде што американската влада ги проверува и ги чува урнатите вселенски летала и вонземјани, вклучувајќи и докази за наводен судир со вонземјани, кои во 1947 година слетале во Росвел, Ново Мексико. Областа 51 е популарна туристичка дестинација за ентузијастите што веруваат во вонземјани, но пристапот до областа е целосно забранет.

Гробницата на Ќин Ше Хуанг,
Кина
Гробот на првиот кинески император, Ќин Ше Хуанг, кој починал во 210 година пр. н.е., се наоѓа длабоко под рид во централна Кина. Погребниот комплекс се состои од комплицирана мрежа на подземни пештери што биле исполнети со сите нешта што ќе му бидат потребни на императорот во задгробниот живот, вклучувајќи и репродукција на неколку илјади глинени војници, слуги, коњи и персонал, позната како Теракотна армија. Ископани се повеќе од 2.000 теракотни скулптури, но кинеската влада можеби никогаш нема да дозволи ископување на гробот на царот, одлучувајќи да ги почитува античките погребни обреди. Додека туристите можат да ја видат царската глинена војска за време на обиколката на местото, гробот на античкиот воин веројатно ќе остане засекогаш затворен.

Островот и вулканот Херд,
Австралија
Овој вулкански остров на Антарктикот се смета за едно од најоддалечените места на земјата. Областа од 368 квадратни километри е планинска, има 41 глечер и е дом на мноштво диви животни, вклучувајќи пингвини, фоки и морски птици. Меѓутоа во 2000 година, Универзитетот на Хаваи забележал проток на лава долг два километри од вулкан висок 836 метри, кој е активен оттогаш. Освен вулканот и неговите опасности, времето на островот е мошне лошо.

Островот на Змиите, Бразил
Иља да Кејмада Гранде, или Островот на Змиите, како што се нарекува, е остров со површина од 43 хектари, сместен е на бразилскиот брег, околу 32 километри од брегот на Сао Паоло. На островот се наоѓаат едни од најсмртоносните видови змии во светот, има повеќе од 4.000. Бразилската влада забрани пристап до островот со еден исклучок, на неколку години Владата им дава дозвола на мал број научници да ги проучуваат единствените жители на островот – змиите.

Повеља, Италија
Овој мал остров се наоѓа помеѓу Венеција и Лидо во северна Италија и се смета за едно од најпознатите проколнати места во светот. Островот е напуштен од затворањето на тамошната психијатриска болница во 1968 година. Се вели дека духовите на жртвите од чума, на воените жртви, како и духот на лекарот убиец лутаат по распаднатиот терен. Италијанската влада во 2014 година го понудила островот на долгорочен закуп од 99 години со надеж дека некој ќе го обнови.

Свалбард – трезор на семиња,
Норвешка
„Свалбард глобал сид волд“ е глобален подземен трезор на семиња. Трезорот се наоѓа на околу илјада километри оддалеченост од Северниот Пол. Објектот е со најсовремена опрема и во него се чуваат околу 840.000 примероци од дури 4.000 рани видови семе од сите страни на светот. Трезорот е изграден со намера да се зачува разновидноста на земјоделските култури во случај на глобална катастрофа или нешто слично, што би предизвикало исчезнување на разни култури од кои добиваме храна. Во случај на регионална или глобална катастрофа, овој најсовремен објект обезбедува рестартирање на глобалното производство на храна. Пристап имаат исклучиво вработените и владините организации што ги одгледуваат семињата, и тоа можат да пристапат само до своите семиња.

Тајните архиви на Ватикан
Тајните архиви на Ватикан се наоѓаат закопани длабоко во ѕидовите на Ватикан, и главно под земја. Тие содржат огромна историја за работата на Светиот Престол, заедно со историски документи, владини документи, папски извештаи и други официјални дописи, од кои некои датираат од 8 век. Предметите вклучуваат писма од Микеланџело, писмо од кралицата Марија Прва, како и барање од кралот Хенри Осми за поништување на бракот. Се проценува дека архивите, кои се официјална сопственост на сегашниот папа, опфаќаат 83 километри полици со повеќе од 35.000 предмети. Освен мал број вработени што се грижат за архивите, пристапот е строго ограничен на квалификувани научници од избрани високообразовни и истражувачки институции.

Големото светилиште Исе,
Јапонија
Светилиштето Исе, сместено во регионот Кансаи на островот Хоншу, е комплекс посветен на шинто-божицата на сонцето Аматерасу-Омиками, кој се состои од двe главни светилишта и околу 125 споредни светилишта. Додека се шпекулираше дека местото со храмови датира од третиот век, постојните згради се демонтирале и се заменувале на секои 20 години, последната во 2013 година, во согласност со убедувањата на шинтоизмот поврзани со смртта и обновувањето. Пристапот е ограничен на високи свештеници и членови на јапонското царско семејство.