Режисерот Питер Џексон ги претстави првите инсерти од долгоочекуваниот документарец за легендарните „Битлси“, насловен по една нивна позната песна – „The Beatles: Get Back“. Филмот требаше премиерно да биде прикажан во септември, но поради пандемијата, тоа е одложено за следната година.
Џексон истакна дека екипата што работела на филмот го искористила периодот на пандемијата дополнително да го дотера документарецот. Тој додал дека сега се на половина пат до заокружувањето на комплетниот процес и веќе можат да им откријат на обожавателите како ќе изгледа филмот.
Питер Џексон изјавил и дека за време на подготовките имал пристап до материјал во траење од 56 часа на никогаш досега видени видеоснимки од бендот што остави неизбришлива трага во историјата на светската популарна музика.