Во 1971 година, иранскиот шах (император) Мухамед Реза Пахлеви ја организирал најскапата забава во светската историја, која според некои процени изнесувала околу 600 милиони долари, а како повод послужило одбележувањето на 2.500-годишнината на Персиската Империја
Свеченоста се одликувала со екстравагантност и величественост што дотогаш не биле видени во светски рамки – биле послужени вкусна храна и пијалаци од најдобрите светски ресторани, луксузно сместување, средновековен декор во европски стил и гостинска листа, која се состоела од императори, кралеви, кралици, принцови, принцези, шеици и султани од сите пет континенти. Настанот не се одржал во некој замок или хотел со седум ѕвезди, напротив бил организиран во пустина.
Мухамед Реза Пахлеви ангажирал француски архитекти и ентериери, кои требало да дизајнираат 50 апартмани во форма на шатори за посетителите до урнатините на античкиот град Персеполис. За изработка на главниот шатор, кој требало да послужи како сала за гала-вечер, била потребна една година и била потрошена свила во должина на 37 километри. Шаторите биле распоредени околу централна фонтана, а на дамите им бил обезбеден и посебен сеф за нивниот скапоцен накит.
За забавата биле ангажирани 120 келнери и 40 готвачи од Париз. Веднаш до шаторите бил изграден аеродром, како и автопат во должина од 1.000 километри, кој ги поврзувал Техеран и Персеполис, а исто така била засадена и цела шума до античките урнатини. За да се создаде пријатна атмосфера од Европа биле донесени околу 50.000 птици, кои поради климата пцовисале по три дена.
Свеченоста започнала на 12 октомври 1971 година и следните два дена Реза Пахлеви и неговата сопруга ги пречекувале гостите. На 14 октомври се одржала голема гала-вечера во главниот шатор, на која присуствувале шеесет члена на кралски семејства и шефови на држави. Шестотината гости се гоштавале повеќе од пет часа и биле запишани во Гинисовата книга на светски рекорди. Следниот ден, се одржала воена парада на иранските вооружени сили во која учествувале 1.724 луѓе, а во вечерните часови се одржала традиционална персиска забава како завршен настан во Персеполис.
Мухамед Реза Пахлеви бил еден од најбогатите луѓе во светот и имал апсолутна власт во Иран. Можел да ги назначува и менува премиерите, да го распушти парламентот, да раководи со армијата, да објавува војна и да склучува мир, неговиот збор имал сила на закон во државата и не сакал да ја споделува политичката моќта со никого. Како син на претходниот владетел, Мухамед Реза Пахлеви, живеел во раскош, се школувал во Швајцарија и бил под влијание на западната култура и животен стил. Тврдел дека сака да го модернизира Иран и да создаде слободно општество за жените и за сиромашните, меѓутоа тоа било пропаганда, која требало да создаде позитивна слика. Владеењето на Мухамед Реза Пахлеви се одликува со најголема бројка на политички затвореници и најголема бројка на смртни казни во светот, а неговата тајна полиција киднапирала и убивала луѓе. Иако Иран бил богат со нафта, половина од населението живеело во сиромаштија, имало недостиг од основна инфраструктура и вода за пиење.