НАСКОРО НЀ ОЧЕКУВА НОВА РОТАЦИЈА НА МАГНЕТНИТЕ ПОЛОВИ
Земјиното магнетно поле ја опкружува нашата планета како невидлив штит и го штити животот од штетното сончево зрачење, отстранувајќи ги електрично наелектризираните честички од сончевиот ветер. Магнетното поле варира постојано и низ историјата на нашата планета имало неколку стотици пресврти на магнетните полови. За можните влијаниja од процесот на ротација на магнетните полови на околината, луѓето, животните, па и на технологијата, го прашавме Радан Митровиќ од Скопското астрономско друштво.
– Магнетното поле на Земјата постојано ги менува својата сила и насока. Што се однесува до животот на Земјата и влијанието што може да го има пресвртот на магнетните полови на Земјата врз нашиот вид, не можеме да предвидиме што ќе се случи, бидејќи никој не знае со сигурност што се случило во моментот на последниот пресврт. Ова е процес што е многу долг и се случува постепено, се случува веќе илјадници години, а во блиска иднина нема да претставува никаква закана за Земјата. Според мене, поголема закана за човештвото се пандемиите, политичките игри итн. – вели Митровиќ.
Ротацијата се одвива на секои 200-300 илјади години
Во последното истражување, научниците утврдија дека циклусот на ротација на половите се одвива на секои 200-300 илјади години и дека ротацијата секогаш се случува тогаш кога слабее магнетното поле. Меѓутоа, не постојат докази дека ослабеното магнетно поле ќе резултира со кобни резултати за Земјата. Во текот на изминатите ротации на поларитетите немало масовно изумирање или доказ за оштетување од зрачењето. Истражувачите сметаат дека енергетските мрежи и комуникациските системи ќе бидат изложени на најголем ризик. Помеѓу другото, научниците ги анализираа древните текови на лавата во источна Шкотска и дојдоа до заклучок, со што се потврдија претходните истражувања, дека постојат циклуси во траење од 200 милиони години во текот на кои магнетното поле слабее, а потоа повторно зајакнува. Исто така, тие извршија двојна проверка и на сите други мерења во геолошките записи, направени во текот на изминатите неколку децении, комплетирајќи ја на тој начин историјата на магнетното поле за приближно 500 милиони години наназад.
– Кога нашите наоди се разгледуваат заедно со постојните групирани податоци, се доаѓа до заклучок за постоење на приближно 200 милиони години долг циклус на јакнење на магнетното поле на Земјата, кој е поврзан со длабинските процеси што се одвиваат на нашата планета. Со оглед на тоа што речиси сите наши докази за процесите во внатрешноста на Земјата постојано се „погазуваат“ од страна на тектонските плочи, зачувувањето на овој сигнал длабоко во Земјата, како еден од ретките ресурси што ги имаме, навистина е од особено голема важност – објасни во интервјуто за „Сајенс алерт“ палеомагнетичарката од Универзитетот во Ливерпул, Луиз Хокенс.
Пополнување на дупките во историјата
Во истражувањата беа користени техники на термална и микробранова палеомагнетна анализа на поединечни примероци од карпи од древните текови на лавата.
Порамнувањето на минералните кристали во нивната внатрешност откри каква била состојбата на Земјиното магнетно поле во времето на нивното создавање. Така, пред 416 милиони години дошло до слабеење на магнетното поле, процес што траел до 332 милиони години. Потоа истиот процес се случувал и пред 120 милиони години. За време на палеозоикот, Земјиното магнетно поле имало само една четвртина од сегашната јачина, утврдија научниците.
– Оваа обемна магнетна анализа на тековите на лавата беше клучна за пополнување на периодот што му претходеше на „Киманскиот суперхрон“, период во кој магнетните полови се стабилни и не ротираат приближно 50 милиони години – изјави Хокенс.
Што ќе се случи со технологијата?
Ако ова е вистина, тогаш наскоро нè очекува ново свртување на магнетните полови. Имено, овој циклус се повторува на секои 200-300 илјади години. Научниците се загрижени како сето тоа ќе влијае врз нашата целокупна електронска технологија. Колку повеќе научниците знаат за овие процеси, толку полесно ќе можат да ги предвидат, особено во случај да создаваат проблеми за човештвото. Така, тие открија една важна работа и ја потврдија тезата дека магнетните полови ротираат тогаш кога полето е послабо. Сега се работи за веќе потврден факт.
– Нашите наоди ја поткрепуваат тезата дека постои поврзаност помеѓу слабото магнетно поле и ротацијата на половите, како и дека полето е генерално силно во периодот на суперхронот, нешто што е навистина важно, бидејќи се покажа дека е речиси невозможно да се сруши рекордот на свртувањето од пред околу 300 милиони години – заклучи Хокенс.