Научниците веруваат дека успеале да го реплицираат парфемот за кој се верува дека го употребувала египетската владетелка Клеопатра. Професорот Роберт Литман и доктор Џеј Силверстин работеле на ископување во Тел Тимаи, познат како староегипетскиот град Тмуис. Проектот открил значителни археолошки остатоци, предмети и мириси. За време на ископувањето, тие наишле на печки покрај кои имало злато, сребро и накит, што упатува на тоа дека тие откопале куќа на трговец со парфеми.
Литман и Силверстин ги дале античките шишиња со пријатна миризба на експертите за парфеми Дора Голдсмит и Шон Кафлин, кои се обиделе да го произведат античкиот парфем. Се верувало дека фараоните се инкарнација на боговите, така што тие додека престојувале на земјата било потребно да мирисаат божествено.
Но, многумина се прашуваат како бил произведуван парфемот за време на Птоломејското Царство, со кое Клеопатра владеела од 51 до 15 година пред нашата ера. Според списанието „Смитсониан“, на тогашните парфеми биле додавани кардамон, масло и цимет, што ја правела долготрајноста на парфемот подолга.
Најсилните тогашни парфеми, во однос на статусот на оние кои ги носат и на нивниот силен мирис, биле „Мендесиан“ и „Метопијан“. Нивна заедничка, клучна состојка била мирото.
– Парфемот „Мендесиан“ имал мирис како лесен темјан, додека „Метопијан“ бил со потежок и поостар мирис. Се претпоставува дека Клеопатра го преферирала „Мендесијан“ – објаснува д-р Силверстеин, осврнувајќи се на античките грчки текстови.
Парфемите и, генерално миризбата на телото, биле важен дел од секојдневниот живот во Египет, како на пример во ритуалите, во медицината, па дури и задгробниот живот. Мртвите тела биле помазани со парфеми за време на мумификацијата, со цел во задгробниот живот да бидат прифатени од боговите.
Националниот географски музеј во Вашингтон го вклучи парфемот на Клеопатра во изложбата „Кралиците на Египет“, и тој е достапен за посетителите од почетокот на септември.