Првиот виртуелен концерт на легендарниот актер, поет и музичар Раде Шербеџија е закажан за 9 април, кога публиката низ светот ќе може да слушне песни во живо од неговиот актуелен албум „Не окреќи се, сине“, како што е насловен и концертот.
Албумот беше објавен кон крајот на минатата година и најавен со хитот „Ето пјесма“, напишан за него од Хусеин Хус Хасанефендиќ. Шербеџија сними вкупно единаесет песни, со тим составен од одлични музичари.
Но и еден куп други, одлични музичари, исто така, придонесоа за успехот на овој албум: Мирослав Тадиќ на песната на Арсен Дедиќ „Њујорк“, па Дамир Урбан, кој ја напиша песната „Говорила је тако тихо, тихо…“, , Елвис Станиќ направи одличен аранжман во песната „Град“ на Драго Млинарец, потоа Марио Игрец во песната „Сузо моја, стрпи се“, како и авторот Златко Арсалангиќ и Анте Гело во песната „Остала си увијек иста“, на Ѓорѓе Новковиќ и Жељко Сабол.
На новиот албум, Шербеџија го даде и својот потпис, посветувајќи му ја песната „Шехерезда“ на познатиот словенечки театарски режисер Томаж Пандур, чие предвремено заминување ја погоди културната сцена на овие простори пред четири години. Аранжманот за ова исклучително дело го направи Диран Тавитјан. Исто така, тој неодамна беше номиниран за престижната награда „порин“ за музичка продукција на албумот „Не окреќи се, сине“.
Албумот вклучува и две соработки – со Габи Новак и Матија Дедиќ во песната на Арсен „Откако те не волим“ и „На нешто ме сијеќа тај град“, која Раде Шербеџија ја отпеа заедно со авторот на песната, Дарко Рундек. Насловната песна „Не окреќи се, сине“ ја напиша Шербеџија уште во 1989 година, на музика на Габор Ленџел, додека Марио Игрец направи нов аранжман.
Иако минатата година беше многу предизвикувачка за уметниците, Шербеџија може да се пофали со забележителни достигнувања во областа на драмата и музиката.
На 71-от Летен фестивал во Дубровник тој ја доби наградата „орландо“ за улогата на Џорџ во претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“, од театарот „Улисис“ и Београдско драмско позориште, а „Кроација рекордс“ исто така ги објави компакт-дискот и блурејот „Раде Шербеџија & Западни колодвор @ ХНК Загреб“.
На виртуелниот концерт „Не окреќи се, сине“, Раде Шербеџија ќе пее заедно со својот состав „Западни колодвор“, а на репертоарот ќе се најдат многу негови безвременски хитови: „Барбара“, „Мени се душо од тебе не растаје“, „Ни у твоме срцу“, „Твоје нежне године“, „Не дај се, Инес“ …
Специјални гости на концертот ќе бидат Габи Новак и Матија Дедиќ, Маја Посавец и актерот Горан Богдан.
Првиот виртуелен концерт на Шербеџија ќе може да се гледа од кое било место во светот, а влезниците, по цена од 85 куни (11,5 евра), се веќе пуштени во продажба.