Некои европски телекомуникациски оператори објавија проблеми при најавувањето на мрежата, бидејќи милиони луѓе започнаа да работат од дома поради пандемијата на коронавирусот, што го зголеми интернет-сообраќајот за 30 проценти. Од британскиот О2, во сопственост на шпанската компанија „Телефоника“, изјавија дека некои корисници имаат проблеми со говорните услуги, откако многумина се затворија во изолација за да ја избегнат изложеноста на вирусот. Компанијата наскоро потоа објави дека говорните услуги на мрежите 2Г, 3Г и 4Г се враќаат во нормала и им се извинија на клиентите.
Многу од европските држави презедоа строги мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Италија, Шпанија и Австрија воведоа целосна изолација. Германија, пак, најголемата економија во Европа, затвори училишта и ресторани. Како резултат на тоа, зголемени се говорниот сообраќај и употребата на податоци, но исто така се смени и начинот на комуницирање меѓу луѓето. Многумина најавени на интернет, ги користат дома своите вај-фај мрежи за да остваруваат повици со колегите, пријателите и роднините. А тоа ја зголемува потрошувачката на податоци преку фиксните мрежи. Во исто време, повеќе повици се остваруваат преку мобилните мрежи отколку преку апликации како „Вацап“, затоа што луѓето ги проверуваат своите постари членови на семејството, кои имаат најголем ризик од коронавирусот и поретко користат апликации.
Германски „Водафон“ извести дека сообраќајот на податоци се користи помалку во текот на денот и повеќе во вечерните часови бидејќи луѓето, лишени од можноста да одат во кафулиња или кина, поминуваат повеќе време на каучот и ги користат услуги за стриминг. Германските „Водафон“, „Дојче телеком“ и „Телефоника Дојчланд“ објавија дека нивните мрежи функционираат.
– Во моментот гледаме зголемување на сообраќајот на податоци, но нашите платформи досега работеа добро – велат од „Дојче телеком“, кој е главен оператор на германскиот пазар.
Од друга страна, пак, можно е да се појават проблеми со мрежното интернет-поврзување, кои, најверојатно, ќе се случуваат затоа што луѓето испробуваат нови апликации за видеоконверзација, со што серверите се преоптоваруваат.
Француската телекомуникациска група „Илиад“ соопшти дека не го забележува метежот на мрежата поради воведената изолација во Франција и во Италија.