Мадона е жена што ја промени културата и ги либерализира Соединетите Американски Држави, а со самото тоа и светот. Уште на самиот почеток кога се појави на светската музичка сцена, од критиката и луѓето од шоу-бизнисот го доби епитетот амбициозна провинцијалка, осудена како голем број инстант-ѕвезди, многу брзо да согори и пред да се прослави. Таа не мислеше така. Со страстен и храбар настап на „Лајв ејд“ во 1985 година, покажа дека е вооружена со неизмерна енергија и секому му стави до знаење дека не мисли лесно да се предаде и откаже од желбата да стане светска ѕвезда. Така и бидна. Со текот на времето беше буквално сѐ: блондинка со кратка и долга коса, бринета, црвенокоса, облечена во корсет, носеше машки костум, шорцеви, елегантни фустани, гола под покривка, разголена до кожа, имаше мускулесто ситно тело извајано со вежби, единствени движења на сцената, природно раскошни гради, бенка над усните без силикони, сини очи што секогаш провокативно гледаат.
Следуваа уште поголеми изненадувања: тоа што ќе го отпее таа, секогаш станува нов тренд, тоа што ќе го носи, станува задача на модната индустрија, машките во нејзините спотови знаат дека од тој момент се секс-симболи. Едноставно, со неа сите добиваат. Паметна и бескрајно своја. Таа е Кејп Канаверал на американската масовна култура, шатл што никогаш не се срушил. Звукот е нејзиното оружје, ритамот е постојано во неа, а темпото ја прави динамична, свежа и мобилна. Нејзиниот танцувачки перформанс на сцената е автентичен, секогаш модерен и впечатлив.
Ја сакаат или не ја сакаат – рамнодушни нема. По 35 години владеење со светската музичка сцена, со над 300 милиони продадени плочи, неколку десетици хит-синглови и титула кралица на поп-музиката, која влезе во Гинисовата книга на рекорди за најмногу продадени албуми од сите женски изведувачки, Мадона Чиконе сѐ уште не покажува знаци на замор. „Таа е најдобра лоша или најлоша добра девојка“, рече новинарката Сара Маркус. Правеше сѐ да ја разбранува зачмаената средина. Провоцираше и шокираше со своето однесување, облекување и отворено изразување сексуалност, не криејќи ништо од очите на јавноста. На ременот на фармерките ѝ пишуваше „играчка за машките“, иако беше сѐ, ама тоа не. Брусхалтерот го претвори во дел од надворешната облека, кога пееше правеше еротизирани движења, на градите ѝ висеше огромен крст, на сцената со неа играа машки облечени како жени. Секогаш го форсираше провокативниот стил, за да го скрие недостигот од талент. Сето тоа се случуваше во Регановата Америка, пуританска и антифеминистичка, во која младата пејачка упорно, само за неколку години, ги сруши сите граници и почна да ги диктира правилата на игра. Милиони девојки низ светот ја прифатија како идол.
Таа им покажа како да бидат привлечни, сензуални, енергични, амбициозни, агресивни и забавни – се во исто време. Од првиот мегахит „Like A Virgin“, преку спотовите за „Material Girl“, „Like A Prayer“ или „Justify My Love“, до документарниот филм „Во кревет со Мадона“, или книгата со еротски фотографии „Секс“, кои редовно беа на границата на нешто што тогаш се сметало за порнографија или неморал, Мадона им испрати отворен предизвик на општеството и на црквата. Мадона секогаш знаеше кому му се обраќа и со што. Веруваше во публиката и пораките што ѝ ги испраќаше. Папата побара од верниците да не одат на нејзините концерти, поради нејзиното мешање на католичката вера со сексуалноста, но беше неуспешен. „Пепси“ се обиде да ја уценува со нефинансирање на нејзината турнеја, но и тоа не помина. Едноставно, светот повеќе не беше место во кое се прашуваат папата и мегакомпанијата. Мадона ги започна промените, најголемата музичка телевизија МТВ ѝ помогна, емитувајќи ги нејзините песни и спотови, кои другите медиуми ги забрануваа, и победи. Победи бидејќи самата таа беше промената во гандиевска смисла на тој поим. Социолозите на културата, покрај тоа што во неа видоа уметник, препознаа и деловна жена, која се измисли самата себеси.
Таа беше прва светска ѕвезда што целосно ја презеде контролата над секој аспект на својата кариера и самата си го изгради имиџот кај обожавателите. Повеќе од кој било влијаеше на промените во стилот и начинот на кој ѕвездите ги користат медиумите. Сите работеа за неа, сѐ беше во служба на нејзината популарност. Иако кариерата ја градеше како лоша девојка, влијанието што го имаше и сѐ уште го има од никој аспект не може да се окарактеризира како негативно. Нејзиното име никогаш не се поврза со дрога или со алкохол, ниту, пак, некогаш беше вклучена во скандал што не го измислила самата. Од неа сите учеа како да се биде вреден и упорен, како фокусирано треба да се работи на градење и билдање на сопствениот бренд. Одамна сфати дека музиката треба да го рефлектира изгледот. Понекогаш беше мистична службеничка со долга црна коса, а некој месец подоцна каубојска девојка или дископринцеза. Беше и латинодевојка од фазата „ла исла бонита“, платинеста заводница, а ла Мерилин Монро и силна жена во машки костум во фазата „вог“. Да не ги заборавиме и гејша-изгледот и тореадор-имиџот. Само така таа, од просечна пејачка, стана музичка мегаѕвезда, а од грдо пајче се претвори во лебед што сите ги привлекува. И да не заборавиме дека таа е една од ретките светски ѕвезди на која не се гледаат трагите на пластичната хирургија. Долгото траење на музичката сцена може да ѝ го препише на способноста секогаш да се менува. Со секој нов албум, со секоја нова песна, беше поинаква. Нејзиниот имиџ никогаш не беше гротескен или без смисла, а трансформациите претставуваа омаж за други големи диви, како што се Керол Ломбард, Марлен Дитрих, Џин Харлоу, Бети Дејвис, а најмногу и најчесто Мерилин Мoнро. Од себе направи културна и комерцијална икона, која и денес ги диктира трендовите, било од сенка или, пак, од самата светска сцена. Каква било индустрија да е зад неа, без разлика колку луѓе работат за неа, сето тоа не би било доволно таа да не е таква каква што е – жена од мускули, моќ, сила и волја секогаш да биде различна од другите.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)