Пејачката Лејди Гага е меѓу најнаградуваните учесници на годинашното доделување на музичките награди на Ем-ти-ви и дома си замина со пет „астронаути“ додека корејската група „БТС“ и пејачката Аријана Гранде освоија по четири награди, пишува Би-би-си. Гага освои награди за најдобар изведувач, најдобра песна, најдобра соработка, најдобра фотографија во видео и специјална награда „трикон“ – што Ем-ти-ви ѝ ја додели за придонес во музиката, глумата и модата. Манекенката Изабела Каир ја нарече Гага „силна“ за време на говорот во нејзина чест.
– Ја претвора поп-музиката во висока уметност. Ја редефинира модата и нѐ инспирира и овластува сите нас – додаде таа.
Заблагодарувајќи се за наградите, Гага рече дека оваа година не е лесна за многумина, но оти храброста триумфира во светот.
– Знам дека ренесансата доаѓа и гневот на популарната култура ќе ве инспирира, а бесот на уметноста ќе ве зајакне како одговор на тешкотиите со дарежливост и љубов. Сакајте го она што сте. Бидете љубезни и носете маски – порача Лејди Гага.
Но таа не би била тоа што е доколку не ја засили својата порака со исклучително необични модни изданија, па за време на доделувањето на наградата смени неколку заштитни маски.
Церемонијата на доделување на наградите на Ем-ти-ви, еден од најважните музички настани во светот, се одржа годинава на повеќе надворешни локации со помалобројна публика. Претставите и говорите беа снимени однапред.
Пејачот Кеке Палмер наградата му ја посвети на неодамна починатиот актер Чадвик Босеман, кој ја загуби битката со ракот на дебелото црево по четири години борба.
– Ја посветуваме вечерашната награда на човек што допре многу животи. Тој е вистински херој, не само на големото платно, туку и во сè што направи. Неговото влијание живее засекогаш – изјави Кеке Палмер.
Пејачката Тејлор Свифт беше наградена за режирање на нејзиното музичко видео за песната „Човекот“ и со тоа стана првата пејачка што ја добила оваа награда и втора жена што некогаш ја освоила по Мелина Мацукас, која во 2016 година беше наградена за спотот за песната на Бијонсе „Формација“.
Иако Гранде освои три награди за соработката со Лејди Гага на песната „Rain On Me“ и за песната „Stuck on U“ со Џастин Бибер, таа се појави на сцената само еднаш, да ја отпее споменатата песна со Гага, што е прогласена за песна на годината.
Планетарно популарната корејска група „БТС“ освои награди за најдобро поп-точка, најдобра група, најдобар изведувач на К-поп и најдобра кореографија. Бидејќи мерките за физичко дистанцирање се во сила, членовите на „БТС“ ја снимија својата изведба на песната „Динамит“ во студио во Сеул.