Француските научници започнале со истражување, кое би можело да им помогне на најсериозните пациенти заразени со коронавирусот. Според нив, замената за респиратор би можела да се најде во природата, односно во крвта на морски црв, пренесуваат француските медиуми. Компонентите во крвта на морските црви, кои живеат на плажите во Бретања, би можеле да им помогнат на најтешко болните, сметаат француските научници предводени од биологот Френк Зал и еден од најпознатите француски хирурзи, Лоран Лантиер.

Крвта на ова животно, кое е долго помеѓу 10 и 15 сантиметри, може да апсорбира 40 пати повеќе кислород од човечката крв, а благодарение на тоа може да преживее неколку часа без дишење, па затоа научниците сметаат дека тоа би можело да им помогне на оние што страдаат од ковид-19 и имаат големи тешкотии со дишењето.
Првите тестирања врз 10 најтешко болни пациенти треба да започнат наскоро, а истражувачите се надеваат дека инјектирањето молекули од крвта на морскиот црв ќе може да помогне на тој начин што пациентите со тешкотии во дишењето нема да има потреба понатаму да се приклучуваат на респиратор.

Идејата за користење на оваа молекула, изолирана од крвта на морски црв, за борба против коронавирусот, потекнува од Френк Зал, кој изгубил двајца пријатели од болеста. Во истражувањето му помага и Лоран Лантиер, кој е шеф на Одделот за пластична операција во познатата болница во Париз „Жорж Помпиду“, а кој веќе го користел овој препарат за трансплантација на лице и бубрези.

Како што наведува Лантиер, доколку тестирањето на првите 10 пациенти се покаже како добро, ќе биде спроведено поголемо истражување и додава дека овој препарат може да се направи многу брзо и дека неговата подготовка во клиничката практика кај трансплантациите се покажала извонредна.