Клавијатуристот на „Леб и Сол“ Кокан Димушевски, утре со почеток во 20.30 часот во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, ќе одржи концерт на електронска музика насловен „Прајват мјузик“.
Имено Кокан Димушевски со електронска музика во придружба на Љубиша Кировски на виола пред кавадарчани ќе се претстави со музички материјал од кој значаен дел ќе биде изведен премиерно.
-Како да се дофати недофатливото? Да се искаже неискажливото? Да се улови неуловливото? Да се опише неопишливото. Празниот простор исполнет со смисла.Разделбата молчешкум. Ветувањето без цел и епилог. Како да се реши енигмата кон што стремеле мислителите од сите филозовски и естетички епохи, а да не се употреби немоќниот јазик на вербалниот израз. И да се остане, притоа свој, сопствен, личен и уникатен. И уверлив и прифатлив и разбирлив. Мојот одговор е овој. Неопишлив, но сфатлив за сите оние што се соочиле со мистериите на универзумот и со одгласот што се крие во секој нас. И којшто излегува некогаш. Во некој таен час, во тишината на ноќта или пред раѓањето на зората – тоа е објаснувањето за „Прајват мјузик“, музички проект на Кокан кој е компониран во 2016 и 2018 година.
Влезниците по цена од 100 денари ќе бидат пуштени во продажба два часа пред почетокот на концертот.