Сѐ што правам на ова литературно поле е заради младите, на кои ние возрасните им ја оставаме иднината на светот, вели Тинтоска
„Каде што реката го бакнува небото“ е вториот роман од прилепската писателка Билјана Тинтоска, издаден неодамна, а во тек се промотивните активности пред читателската публика во земјата. Таа првпат пред читателите се претстави со книгата „Овде или во вечноста“.
Главната тема во романот на Тинтоска е возвишеноста на љубовта во сите нејзини облици.
Билјана Тинтоска и професионално е вљубеник во македонската реч, литература и јазик. Таа е професорка по македонски јазик во СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп, каде што е менторка во драмската секција во училиштето.
– Ова мое најново дело го напишав побрзо отколку што очекував, бидејќи мислите и зборовите се нижеа молскавично, но спонтано и обоени со многу емоции. Идејата за оваа книга ја имам откако знам за себе. Книгата сплотува во себе три љубови – кон мојот дедо, кој има оставено силен печат врз мојата духовна база, кон бога на која ме учеше мојот духовен отец дедо Данило и љубовта кон младите личности, чиј правец во животот зависи од делата на нас, постарите. Мојот живот во голема мера се сведува на искуството од овие три љубови – вели авторката Тинтоска.
Таа вели дека книжевноста понекогаш раскажува чудни работи на кои не им веруваме, сѐ додека не се случат околу нас.
– Книжевноста е пожива од животот, нејзините светови се побогати, поцелосни, пореални. Нејзините пораки излегуваат од длабочините на човековите срца, каде што ретко човек ѕирнува ако не прочита некоја книга. Литературата ни дава можност да влеземе во нечија кожа, да бидеме тоа што сакаме, да го вкусиме тоа што досега не сме го вкусиле. Па зошто тогаш да не ја прифатиме нејзината моќ? Затоа, како просветен работник, кој го предава токму предметот што се занимава со уметничката литература, посветено им се обраќам на сите млади: повелете драги деца во светот на духовната убавина – посочува таа.
Тинтоска дополни оти на своите часови настојува да ја разбуди жедта за книгата кај младите.
– Сѐ што правам на ова поле е заради младите, на кои ние возрасните им ја оставаме иднината на светот. Но поканата важи и за сите луѓе еднакво. Секој, било да е млад или стар, треба да го негува во себе духовното богатство, бидејќи духот никогаш не старее. А радоста не треба да ја бараме околу нас, туку во нас самите – вели Билјана Тинтоска.