Младиот автор Марио Савовски годинава ја издаде интерактивната книга „Урбанон“, која претставува прв проект од овој вид во Македонија. Се работи за „Alternate Reality Game“ или „ARG“, што им дава можност на читателите да се впуштат во интерактивна игра и да станат дел од приказната. Но, при доаѓање до последната страница на книгата, тие можат да забележат дека не станува збор за крај на играта, туку за почетокот!
Во пресрет на промоцијата на „Урбанон“, авторот ги поттикна читателите да решаваат загатки, да бараат скриени пораки и да ги разоткријат тајните зад Организацијата Отраклон – тајната организација која ги поседува документите за мистериите и урбаните легенди во Македонија. Савовски ги охрабрува читателите да нурнат подлабоко во мистериозното и да одат чекор подалеку, најавувајќи дека се работи за книжевна трилогија.
Крајот на книгата „Урбанон“ јасно посочува дека приказната не завршува на последната страница. Во која насока се движи продолжението?
– Уште додека траеше проектот, дел од тоа што ја направи книгата успешна, беше фактот што читателите имаат можност да откријат повеќе откако ќе завршат со читање на книгата – да го отворат сајтот и самите да се потрудат да откријат како приказната продолжува понатаму. Би рекол дека книгата има повеќеслојна приказна. Првиот слој, со кој книгата почнува и завршува, е приказна за агентот Симон Копјевски кој се врти против организацијата за која работи и ги открива нејзините тајни. Како последица на тоа тој исчезнува. Вториот слој е приказната за самата организација, нејзиното минато, нејзината сегашност и мистериозните агенти кои работат за неа. И третиот слој, јадрото на првата книга, се необјаснивите феномени, урбаните легенди, кои организацијата ги истражува. Продолжението на книгата ќе открие повеќе за сите нив – објаснува Савовски.
Од каде ги црпите информациите, што ви е инспирација, како се движите кон крајниот резултат?
– Бидејќи урбаните легенди се јадро на книгата, истражувањето претставува неминовен почеток. Разговорите со луѓе, распрашувањето, дознавањето на урбани легенди кои веќе постојат и нивно разглобување со цел да се преточат во интересна приказна која ќе се вклопи во форматот на документите. Открив дека иако имаме доста урбани легенди, повеќето се повторуваат или следат многу сличен терк – секогаш се работи, или за некој дух на почината личност, или за проколната куќа. Има исклучоци, меѓутоа ретки се. Всушност, тоа и ми беше дел од мотивацијата позади Урбанон, бидејќи сакам да имаме побогата и поразновидна урбана митологија. Ме инспирира Скопје – градбите, архитектурата и изгледот што го има самиот град, особено во ноќните часови. Концептот на тајна организација која проучува необјасниви мистерии ми недостигаше во нашата книжевност и култура и сакав да го „донесам” тоа кај нас – вели авторот.
Како сте задоволни од интеракцијата со читателите, како поминаа двете промоции?
– Искрено сум одушевен од читателите и од реакцијата кон целиот проект. Навистина имаше многу активност и учество во се што се случуваше, од првичната мистерија со сајтот, до откривањето на книгата, па дури и во текот на самата промоција. Позитивно сум изненаден од нивото на интерес кое го покажаа читателите кон книгата и целиот проект. Луѓето постојано ме прашуваат што ќе се случи понатаму, кога ќе излезе вториот дел, и тоа навистина ме радува – порача Савовски.
Што е највозбудливо во врска со следниот проект на кој работите?
– Иако во план е изработка на продолжение на првата книга, проектот на кој што моментно работам е интерактивна игра со улоги или „Role playing game“, сместена во светот на Урбанон. Работниот наслов е „Урбанон: Прирачник за Агенти“, и е првата игра од овој тип не само во Македонија, туку и на Балканот. За оние читатели кои ја играле „Dungeons and Dragons“, сигурно им е веќе познат концептот на „RPG“. Станува збор за игра налик на интерактивна приказна со повеќе играчи која главно се игра со разговор меѓу играчите и еден контролор „гејм-мастер“. Преку „Прирачникот за Агенти“, играчите имаат шанса длабоко да нурнат во светот на Организацијата и да бидат агенти кои истражуваат мистериозни појави со кои се сретнуваат низ градот. Мислам дека ова ќе биде едно ново искуство за многу луѓе и сметам дека ќе се заинтересираат за да пробаат една ваква игра – истакна Савовски.
Гледајќи наназад кон почетокот од патувањето, каде мислите дека авантурата ќе заврши?
– Навистина не знам каде ќе заврши сето ова, но имам одредени планови за работите што сакам да ги направам понатаму. Можам да кажам дека планирам трилогија, и крајна цел претставува воспоставување на урбана митологија до која секој ќе може да пристапи – заклучува авторот.