Возењето со едно или со повеќе лица во автомобил е една од најризичните работи кога станува збор за пренесување на коронавирусот. Иако се чини дека е побезбедна алтернатива на јавниот превоз, сепак станува збор за тесен и ограничен простор. Дури и ако сите патници носат маски, тие најситни честички можат да излезат во воздухот.
– Не е важно доколку сте на отворено, затоа што честичките веднаш се разредуваат. Но ако сте во затворен простор како автомобил, тие честички можат да останат внатре и да се акумулираат во воздухот – вели Варгезе Матаи, физичар од бостонскиот универзитет во Масачусетс.
Матаи, заедно со колегите од универзитетот „Браун“, истражуваа како малите честички се движат низ кабината на возилото во различни варијанти на вентилација. Не е изненадувачки што нивното истражување, објавено во списанието „Сајанс адвенсес“, покажа дека отворањето прозорци е најефективниот метод за расчистување на потенцијалните вирусни честички од автомобилите. Кога сите прозорци се затворени, помеѓу осум и 10 проценти од честичките издишани од една личност можат да достигнат до сопатниците. Тој број паѓа на само 0,2 до два проценти кога сите четири прозорци се отворени.
Се разбира, на студен зимски ден, отворањето на сите прозорци не е најпрактична опција, па авторите експериментираа со различни варијанти и излегоа со некои предлози. Нивната симулација се засноваше на возење „тојота приус“ со 80 км на час со возачот напред лево и еден патник на задното десно седиште. Најдобрата вентилација, ако не можат да се отворат сите прозорци, беше обезбедена со комбинација на отворен прозорец спроти возачот (напред десно) и патникот (задниот лев дел).
– Во автомобил во движење, свеж воздух обично влегува низ задното стакло и излегува напред – објасни Матаи.
Отворањето на прозорците од спротивните страни на оние во автомобилот, покрај тоа што им овозможува на честичките да излезат, создава прилив на воздух што ги одделува возачот и патникот. Но Матаи забележува дека само отворените прозорци нема да бидат од голема корист.