„Нетфликс“ сними документарен серијал за основачот на „Мајкрософт“
Документарниот серијал на „Нетфликс“, „Во мозокот на Бил: декодирање на Бил Гејтс“, ја донесува приказната за напорите на еден од најбогатите луѓе на светот планетата Земја да ја направи подобро место за живеење. Секој што првите зборови ги отчукал на МС ДОС или првата средба со компјутерот ја остварил преку оперативниот систем Виндоус, со посебен интерес ќе го изгледа овој серијал за основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс. Во серијалот „Во мозокот на Бил: декодирање на Бил Гејтс“ во три епизоди ќе ѕирнете во мозокот на еден од најинтелигентните луѓе на светот, кој своето деловно царство го развил благодарение на макотрпна работа и иновации на полето на информатичките технологии. Човекот чиј коефициент на интелигенција изнесува 160, на прашањата одговара едноставно.
Вели дека омилено јадење му е хамбургер, а кучето – животно што најмногу го сака. Меѓутоа, на прашањето за тоа кој е неговиот најголем страв во животот, Бил Гејтс без задршка одговара дека се ужаснува од помислата дека еден ден мозокот може да престане да му функционира.
Филмот е дело на оскаровецот Дејвис Гугенхајм, на кого се сеќаваме од проектите „Непријатна вистина“ и „Тој ме нарече Малала“. Сниман е две години и се фокусира на претставувањето на вистинското лице на човекот што неделно чита по десетина книги од областа на стручната литература, па иако постигнал сѐ што можело да се постигне во светот на бизнисот, зрелите години ги минува како филантроп, поттикнувајќи научни достигнувања што планетата Земја би ја направиле подобро место за живот. Гејтс пред камерите е опуштен и искрен, благодарение на специфичниот начин на снимање зад грбот на соговорникот, за време на прошетка низ шума, така што Бил не ја гледа камерата додека зборува за себе.
Главен лик во теории на заговор
За жал, човекот што на сите ни ги смени животите, овозможувајќи сосема нов начин на комуникација и работење (заедно со партнерот Пол Ален, со кого ја основа фирмата во 1975 година), станува сѐ поомразена личност и главен лик во луди теории на заговор. Гејтс, според раширените теории, е мрачна сила што се надвиснала над човештвото, за депопулација на човештвото и негова целосна контрола во орвеловски размери. Теоретичарите на заговорот најавуваат дека благодарение на Гејтс, човештвото ќе биде масовно вакцинирано и чипирано, на што ќе мора да се согласи со доаѓањето на власт на новиот светски поредок, по завршувањето на пандемијата на коронавирусот.
Навистина фасцинантно за некој со банковна сметка како онаа на Гејтс, со цифра од девет нули, кој сака во земјите на третиот свет да развие систем на канализација, за да го спречи ширењето на заразата меѓу најзагрозената група на население. Гејтс финансиски го поддржува развојот на посебен тоалет, кој фекалиите би ги претворал во алтернативен извор на енергија, односно ѓубриво.
Вакцини за помала смртност на децата во Африка
Сигурно Гејтс смета дека нашата планета со 8 милијарди луѓе е пренаселена, но неговата мисија не е усмртување на луѓето, туку вакцинирање на сиромашната популација во Африка и Азија, за да се намали смртноста на децата. Постои тренд во сиромашните семејства во Африка да имаат повеќе деца, пред сѐ поради тоа што статистиката на нивната смртност е застрашувачка. Во светот годишно умираат три милиони деца од дијареја. Многу пред да се случи наводната вештачки предизвикана епидемија на коронавирусот, Бил Гејтс предупредуваше дека изметот во сиромашните земји е главна причина за голем број епидемии, а особено е интересен неговиот алгоритам, со чија помош е можно да се предвиди каде ќе избувнат нови епидемии. Меѓу нив е и во западниот свет искоренетиот полио, болест попозната како детска парализа, која сѐ уште се појавува во Африка.
Има и луди теории дека токму тој е заслужен за производството и глобалното ширење на коронавирусот. Апсурдноста на целата ситуација дополнително ја зголемува и помислата дека заедницата што на интернет шири ненаучни теории, зборува за тоа откако на своите електронски уреди ќе го подигне оперативниот систем што го создал мозокот токму на човекот чии намери сака да ги доведе во прашање. А пред да почнат да го етикетираат како убиец, мнозинството од нив клика на Интернет експлорер, сѐ уште најраширениот интернет-пребарувач, кој е дел од оперативните системи на „Мајкрософт“.