За малку ќе се испотепавме, раскажува поранешна прва дама на Франција и манекенка Карла Бруни, за нејзиниот живот поминат во карантин заедно со семејството, во интерvју за британски „Телеграф“. Бруни во карантин била со нејзиниот сопруг, ќерка, мајка и тетка.
Бруни, која е и пејачка и кантавторка, неодамна издаде нов албум, а нејзиниот сопруг, поранешниот француски претседател Никола Саркози, издаде мемоари напишани за време поминато во карантин поради пандемијата на коронавирус. Саркози и Бруни се во брак од февруари 2008 година, односно од првата година на неговиот мандат во Елисејската палата. Тие се запознале на прием една година претходно, само неколку недели откако Саркози се развел од втората сопруга Сесилија, со која бил во брак 11 години.
Саркози во своите мемоари „Бурни времиња“ пишува многу малку за својата сопруга, но друга книга крена поголема прашина за Карла Бруни, во која таа е главен протагонист во наводен љубовен триаголник.
Тоа е новиот автобиографски роман на францускиот филозоф Рафаел Ентовен „Заштедено време“, кој овие денови е на насловните страници во Франција. Ентовен е поранешен сопруг на Бруни и татко на нејзиниот 19-годишен син Орелиан. Во книгата е опишана жестоката расправија меѓу авторот и неговиот татко Жан Пол околу Бруни. Тогашната манекенка Карла го оставила постариот Ентовен, со кого ја започнала врската во 2000 година, за неговиот син Рафаел.
Славниот филозоф Жан-Пол Ентовен жестоко реагирал на објавувањето на автобиографскиот роман „Заштедено време“ на неговиот син Рафаел, во кој се опишани деталите за љубовната драма што се случувала во неговото семејство.
Карла Бруни за „Телеграф“ безгрижно изјавила дека сè уште не ја прочитала книгата.
– Јас ја поддржувам демократијата, секој може да прави што сака. Сакам кога луѓето се изразуваат. Му реков на Рафаел дека ја има мојата поддршка – рекла Бруни.
Таа не е премногу заинтересирана за содржината на книгата. За „Телеграф“ изјавила дека времето поминато во карантин било предизвикувачко за неа и за сопругот Никола Саркози.
– Порано ретко се гледавме преку ден а сега имав можност да го видам како дреме во 15 часот. Да, тоа беше тест за нас. Тој напиша книга, а јас го напишав албумот, откривајќи дека не биле сами. Имавме полна куќа, со нас беше ќерката Џулија, која во октомври ќе наполни 9 години, мајка ми и нејзината сестра. Мајка ми има 91 година, а тетка ми 95. Тоа беше италијански затвор, за малку ќе се испотепавме меѓу себе – навела Бруни, смеејќи се на глас.
За да бидат работите попредизвикувачки, Карла Бруни се откажала од алкохолот за време на карантинот.
– Кога пијам, претерувам. Размислував, ако го поминам карантинот со алкохол, готова сум. Не знам како да бидам умерена – рекла таа.
На прашањето дали нејзиниот сопруг се солидаризирал за алкохолот, таа дала интересен одговор.
– Тој во животот нема пробано ниту капка алкохол. Страда од силни главоболки, а кога бил помлад се плашел како ќе реагира на алкохол. Значи, тој не е свесен за позитивните страни на алкохолот. Му кажав, драго ми е што не знаеш, инаку ќе минуваше цели денови во кафеани – одговорла таа на шега.