Модната дизајнерка Ирина Тошева ја претстави новата колекција „Муур“, обединувајќи петнаесет локални креативни дејци и индустрии, кои учествуваа во реализацијата на видеокампањата и промотивните фотографии за нејзина презентација.
– Oблеката не е само апстрактна претстава на креативната визија, колку и да е иновативна. Самата изработка и занаетот прават таа да заживее, како израз на човечката опиплива и извонредна креативност. „Муур“ е прослава на сè она во што верувам. Отпечаток, жиг на едно време – истакнува Тошева.
Во составот на моделите се застапени текстурирани еколошки материјали во природни тонови, како што се рустичниот памучен жакард, конопот и јутата проткаени со сирова свила, муслин од органски коноп и лен со European Flax® сертификат. За првпат дизајнерката работи со макраме – древна техника на рачно врзување јазли. Чевлите, пак, произведени се од пресувана плута во соработка со брендот Schuster.
Секое од парчињата има посебна приказна, деликатно поврзувајќи ги минатото и сегашноста. Налик на „муур“ за старо-новото време.
Истовремено се работеше и на освежување на веб-страницата, благодарение на Moonwise, каде може подетално да се погледне и нарача колекцијата или закаже термин за посета на ателјето на дизајнерката.
Проектот поврзува 15 локални креативни дејци и индустрии, како стимул за раздвижување на културната сцена, взаемна поддршка и соработка и презентација на талентот кој нè опкружува. Заштитно лице на кампањата е моделот Надја Миланова од модната агенција „Подиум“. На триминутното промотивно видео работеа режисерката Ана Алексовска и Владимир Димоски како директор на фотографија. Двоецот асистенти на камера го сочинуваа Марјан Петковски и Антонио Станков, а Искра Младеновска асистираше на сетот.
– Колекцијата потекнува од место на прагматизам, со ограничените ресурси што ги имавме на располагање, а, во суштина, токму ограничувањата ни дадоа поостар фокус во сите аспекти. Видеото и едиторијалот се снимени на две монументални, но по малку заборавени локации во градот. Ги одбрав скопскиот Аквадукт и тврдината Кале со цел да се разбуди колективната свест за зачувување на нашето културно-историско наследство – вели дизајнерката.
Автори на наменски создадената музичка тема за видеото се Katerinha, македонска артистка која живее и работи во Берлин, заедно со продуцентот Антоние Весковски. Имиња за кои допрва надалеку ќе слушаме.
Фотографиите за едиторијалот се одново дело на Александра Костадиновска, графичкиот дизајн е на Кристина Манчева, за шминката беше задолжен Виктор Мирчевски, додека за фризурата Дарко Петковски од студиото Hairhouse.
Со секое купено парче облека од „Муур“ ќе се засади дрво именувано според купувачот, и тоа на различни локации во државата благодарение на партнерската соработка со Трибенкс.
Колекцијата е дел од поддржаните проекти од Национален интерес за 2020 година од Министерство за култура и проект од локален интерес во културата на Град Скопје за 2020 година.