Шарпланинката Стела, главната „актерка“ во македонскиот долгометражен детски семеен филм „Стела“, никого не остави рамнодушен. Талентот, соработката со актерите, приспособувањето на кастинзите, шармот, позитивата и аурата што ги шири намамија многу обожаватели, освоија многу срца.
Филмот е македонско-српско- германска копродукција, снимен е по сценарио на Ева Камчевска, а во режија на Стојан Вујичиќ. Првото филмско искуство во овој филм го остварува и младиот и талентиран Петар Маниќ. Продуцент е Огнен Антов.
Стела, и филмот и шарпланинката, се закитуваат само со позитивни критики. Како се снајде во својата улога оваа атипична актерка?
– Првиот момент кога почнавме да размислуваме која раса би одговарала за ликот на Стела и дали воопшто да одбереме расно куче, одлучивме дека треба да е шарпланинка, бидејќи е автохтона македонска раса, робусна е, визуелно податлива за снимање, плус дресерот Ристе Гиевски успеа да го извлече максимумот од неа. Стела беше многу соработлива и питома на снимањето, вистинска миленичка на екипата. За мене беше посебно интересно да работам со неа, бидејќи малолетно дете, кое првпат е на филм, во комбинација со млада шарпланинка, е предизвик за секој режисер.
Која сцена беше најтешка за Стела?
– Како и за секој шарпланинец, влегувањето во вода бараше голем напор. Стела се снајде беспрекорно, но тоа бараше посветување од сите во екипата.
Како ја лоциравте?
– Стела беше, а и сега, по снимањето на филмот, остана дел од одгледувачницата „Кораб“ од Катланово. Нам ни беше многу важно да е што посветла и, секако, да биде убаво куче. Ја запознавме кога имаше четири месеци, а филмот се снимаше кога имаше една година. Од првиот момент кога ја сретнавме, знаевме дека тоа е кучето што го бараме.
Дали имавте скепса за тоа како Стела ќе се вклопи во актерска екипа, во филмот…? Што најмногу ви создаваше немир дали ќе успее како што сте замислиле?
– Скепса немав, но немир имав, бидејќи вторпат работам филм со дете и куче и на некој начин знаев дека мора да бидам отворен, бидејќи имаше сложени сцени во кои Стела мораше во одреден момент да реагира точно како што сме замислиле. По ова искуство, правилото за снимање со куче, според мене, би требало да значи дека сте подготвени на импровизации, да имате не само план Б, туку и план Ц и Д.
Како реагираше Стела на целата филмска атмосфера, како ја мотивиравте да соработува?
– Стела одлично се вклопи во екипата, односно уште првиот ден сфати каде е кетерингот и стана прва другарка со луѓето задолжени за тој дел. За мотивацијата немаше никаков проблем, таа дојде на снимање подготвена и точно знаеше што треба да прави.
На која сцена најмногу вежбавте?
– Стела помина речиси една година со дресерот Ристе Гиевски. Најмногу ја вежбаше сцената во која треба да ја земе бројаницата од раката на дедото и да ја однесе кај неговиот пријател, известувајќи го за смртта на Христо. Тоа е една од најемотивните сцени во филмот и ни требаше да биде изведено комплетно добро.
Стела ѝ е вистинското име?
– Да, целото име ѝ е Стела Ава Корабска.
Спојот на деца и животни во филм е навистина голем залак и силен предизвик. Како се чувствувате сега кога го гледате вашиот успешен продукт?
– Кога конечно го изгледав филмот на големо платно, сфатив дека по сите предизвици што ги споменувате, сместен удобно во киносалата, го гледам точно она што замислував дека ќе го видам. Тоа ми ја топли душата.
Стела е херојот во филмот. Каква порака сакате да пратите преку неа? И преку филмот воопшто?
– Стела е симбол на надежта на секое дете дека неговото семејство (и сите потенцијални или реални турбуленции во него) има шанса да заврши со зреење на секој поединец и на семејството во целина. Стела е еден вид ѕвезда водилка за Никола, тука е во моментот кога неговото семејство се распаѓа и тука ќе биде за да посведочи на повторното спојување на семејството и враќањето на хармонијата во него. Можам слободно да речам дека го одбравме нејзиното име како наслов за филмот не според обемноста на нејзиното присуство во него, не според бројот на сцените во кои ја има итн., туку според ненаметливата, а силина трансформација што му се случува на детето кога ќе дојде во допир со неа и ќе го запознае дедото.