Властите на Шри Ланка јавно го изложија најголемиот природен син сафир, тежок 310 килограми, ископан пред три месеци во областа што ја нарекуваат престолнина на скапоцените камења, пренесуваат светските медиуми.
Локалните гемолози кои го испитувале сафирот велат дека тој е еден од најретките скапоцени камења во светот,пред се поради својата тежина од повеќе од 300 килограми. Меѓународните организации допрва треба да издаваат сертификати за овој скапоцен камен.
Сафирот е изложен во домот на еден од сопствениците на рудникот за скапоцени камења во Хорана, 65 километри јужно од Коломбо. Пред да биде изложен на јавноста, група будистички свештеници го благословиле скапоцениот камен со пеење релиогиозни песни.
Сафирот е пронајден во Ратнапура, област богата со скапоцени камења, каде што жителите го пронашле најголемиот кластер на ѕвездени сафири во светот. Ратнапура се смета за главен град на скапоцените камења на таа јужноазиска земја, која е водечки извозник на сафири и други скапоцени камења.
Шри Ланка минатата година заработила половина милијарда долари со извоз на скапоцени камења, дијаманти и друг накит, објавила локалната индустрија за накит и скапоцени камења.