Паркот „Хај лајн“ што „плови“ над Менхетн во Њујорк, на неискористен дел од пругата, стана еден од најпознатите паркови и урбани јавни места во светот. Откако просторот со децении беше обраснат со трева, од времето кога возовите поминаа низ Менхетн, истражувачите на урбаниот простор сметаа дека е добра идеја неискористената пруга да се претвори во јавен парк. Првиот дел од паркот беше отворен во 2009 година, а последната експанзија за поврзување со станицата Пен е најавена на почетокот на оваа година.
Следејќи го примерот на „Хај лајн“, Лондон сега ќе добие сопствен линеарен парк, кој ќе биде дизајниран од истиот тим што работел на паркот во Њујорк. Тоа се архитектите од американското студио „Џејмс корнер фелд операшнс“, кои победиле на конкурсот и кои ќе соработуваат на проектот со локалното студио „ВППЕ архитектс“.
Лондонскиот „парк на небото“, наречен „Камден хај лајн“, ќе се протега од Камден до Кингс Крос. Неискористениот дел од железничкиот вијадукт ќе се претвори во живописна зелена оаза што ќе биде отворена за сите. Новиот зелен простор ќе биде долг 1,2 километар, приближно 8 метри над земјата, а ќе биде волшебно зелено шеталиште со клупи, кафулиња и уметнички инсталации. Паркот ќе има и дрвено шеталиште, а деловите ќе бидат одделени со ограда од пругата што сè уште е во функција. Исто така, ќе содржи многу зеленило, бидејќи ќе биде придружено со разни садници со брези и дабови дрвја, градини со пеперутки и разни цвеќиња.