Со одбележување на првиот час по македонски јазик во старото училиште „Димитар Влахов“ во селото Љубојно, во саботата започна првиот мултимедијален фестивал во овој регион – „Преспаленд 2021“.
Традиционалниот базар и локалните гурмански приказни беа надополнети со настапи на групата „Перија“ и виртоузот на канон и сах, Џенгиз Ибрахим, како и на „Поетри слем Македонија“.
Во неделата на плажата Сливница, се одржа вториот фестивалски ден, каде што многубројната публика имаше можност да ужива во концертите на дуото Дац и Александар и Владо Јаневски.
Следните настани во чест на Илинден и Преспанското советување, ќе се одржат на 1 и 2 август во Амфитеатарот во Ресен и кај Споменикот во Отешево. Во рамки на „Преспаленд 2021“ акустичен концерт ќе одржат „Љубојна“ и Слаткаристика, а посетителите ќе имаат можност да погледнат и македонски филм на отворено.