Шоуто на полувремето од Супербоулот во НФЛ-лигата во американски фудбал секогаш претставува голем спектакл. Во минатото, ја гледавме Лејди Гага како нурнува од покривот на стадионот во Хјустон, или Кејти Пери како јава аниматронски лав, додека пак, Дијана Рос, се издигнуваше од стадионот во Аризона, мавтајќи им на навивачите низ отворената врата на хеликоптер. Оваа година беше малку поинаква.
Канадската ар-ен-би ѕвезда „Викенд“, за првпат во 55-годишната историја на натпреварот, беше принуден да настапи од трибините, наместо од теренот, во согласност со строгите протоколи за спречување на ширењето на коронавирусот, додека неговото 12-минутно шоу беше „гледано“ од илјадници картонски исечоци кои ги заменија навивачите, поставени на трибините на стадионот „Рејмонд Џејмс“ на Флорида.
Ѕвездата, чие вистинско име е Абел Тесфаје, го изведе поголемиот дел од својот сет на хитови на трибините кои беа исполнети со неонски знаци. Опкружен од танчари кои носеа завои на лицата, тој изведе „вртоглава“ верзија на хитот „Can’t Feel My Face“. А поради ситуацијата, настапот на „Викенд“ беше без додатни акробации и специјални ефекти. Треба да се истакне и дека пејачот вложи сопствени седум милиони долари во продукцијата на настапот, на кој музиката беше во прв план.
– Значењето на завојот на главата е одраз на апсурдната холивуд-култура на славна личност и оние кои се водат себеси од површни причини за да добијат валидација од другите – објаснува „Викенд“.
Моментот на паника предизвика потсмев
За време на изведбата „Викенд“ зачекори во осветлена зона позади сцената, а камерата ја следеше неговата паника додека тој се снаоѓа низ светлечките лавиринти, па така се роди најновото меме (меме е потсмешлива фотографија – н.з.), а на Твитер се појавија стотици објави со неговиот испаничен израз на лицето. „Кога ќе влезам во стан каде што знам дека има куче“. „Јас на пет години, барајќи ја мајка ми во маркет“, гласат дел од коментарите на Твитер. Наспроти мемињата, раперот Дрејк го пофали шоуто, истакнувајќи дека претставувало голем момент за градот Тампа.