Овој амбициозен млад научник од февруари ќе работи како доцент-доктор на универзитетот „Њујорк“ во Центарот за геномика, каде што ќе применува најнови биотехнолошки методи за манипулација на човечкиот геном, за да открие и да развие нови третмани во лекувањето на ракот
Најдобра потврда дека нашите научници се високовреднувани во развиениот свет, покажува примерот на Жарко Данилоски од Кичево, кој по завршувањето на студиите во Бремен, Германија, по нови знаења и звања се упатил во САД, каде што на универзитетот „Њујорк“ магистрира, а деновиве стекна и докторска титула на Катедрата за молекуларна и клеточна биологија.
– Мојата докторска и претходно магистерска дисертација ги изработив под менторство на професорката Сузан Смит. Ги предизвикував молекуларните механизми, кои овозможуваат еднаква поделба на човековите хромозоми при делба на клетката. Притоа открив генетски мутации и дисфункции на овие механизми, кои ја попречуваат еднаквата поделба на хромозомите и придонесуваат за појава на тешки болести кај човекот, како што се канцер и метална ретардација. Се надевам дека моите откритија ќе придонесат за поефикасни третмани на овие болести – вели д-р Жарко Данилоски за својата научна дејност во САД.
Но овој амбициозен млад научник, патот најпрво го одвел на северот од Европа, во Германија.
– Основните познавања на полето на клеточната биологија и биохемија ги стекнав на универзитетот „Јакобс“ во Бремен, Германија, каде што и завршив високо образование – ни рече тој.
Жарко Данилоски е роден во Кичево пред 28 години. Во Струга го завршува средното образование во училиштето „Јахја Ќемал“, од каде што со стекнатото знаење и со многу амбиции се упатил за Геранија.
Желбата да се усовршува и понатаму да се занимава со научноистражувачка дејност го натерала од Германија да се пресели во САД, каде што се запишал на универзитетот „Њујорк“ и каде што ги завршил највисоките степени од своето образование и се стекнал со докторска титула.
– Уште како ученик во основно и средно училиште во Македонија јас имав афинитет кон природните науки. Ме фасцинираше прашањето на кој начин функционира природата, а и фактот дека премалку знаеме за тоа, што за мене беше голем предизвик. Уште од раната фаза од моето образование јас изработував научноистражувачки проекти и учествував на национални и на меѓународни натпревари, од каде што се враќав со највисоки награди и признанија. Тоа ме стимулира своето понатамошно образование да го продолжам во научноистражувачката област прво во Германија, а потоа и во САД. Како студент се чувствував многу среќен и исполнет што имав можност да се образовам на вакви престижни универзитети, на кои предаваат и истражуваат истакнати професори од светски размери – додава Данилоски.
Тој од февруари ќе работи како доцент-доктор на универзитетот „Њујорк“ во Центарот за геномика, каде што ќе применува најнови биотехнолошки методи за манипулација на човечкиот геном, за да открие и да развие нови третмани во лекувањето на ракот.
Иако Данилоски се гледа себеси како дел од професорската фела во САД, сепак не ја исклучува можноста еден ден да се врати во земјава и тука да работи. Се надева дека државата ќе помогне преку отворање научноистражувачки центри опремени со висока технологија, во кои би се вршеле истражувања од светски размери.
– Македонија е земјата во која сум се родил и сум пораснал, каде што живеат моите најблиски и врската со мојата татковина е нераскинлива. Но јас во моментов чувствувам дека треба да останам во САД, бидејќи таму гледам можност за уште поголем напредок во научната сфера. Меѓутоа не би ја исклучил можноста во иднина да се вратам во Македонија и да го пренесам своето знаење во родната земја. Би бил најсреќен да видам дека државата покажува сериозен интерес и инвестира во привлекување научноистражувачки кадри од странство. Сметам дека враќањето на високообразовниот кадар во земјава на долг рок, значително би помогнало за социјално-економски развој на земјава – посочи младиот Жарко Данилоски, кој е еден од многуте талентирани македонски научници што своето знаење го инвестираат во белиот свет.