Македонската сцена се простува од водителот, пејач и композитор Драган Вучиќ, по неговата смрт на Инфективната клиника како последница на коронавирусот. Многумина познати личности споделуваат фотографии, но и моменти кои ги поминале заедно со него. Меѓу нив, актери, писатели, пејачи, композитори, соработници, колеги, поддржувачи. Сите со неверување ја примиле веста за смртта на Вучиќ.
– Го сретнав, не знам каде… Му реков: – Тој сутлијачот што го рекламираш во емисијата е навистина убав, редовно го купувам. – Навистина ти се допаѓа? – Да, му одговорив. Следниот ден ме побара и ме праша за адресата, му ја кажав. Дојде и ми донесе цел пакет од сутлијачот.„Повели” ми рече со насмевка. Таков човек беше Драган Вучиќ. Почивај во мир! – напиша актерот Драган Спасов-Дац.
– Кога еден автор си заминува, дел од него останува и живее вечно… преку неговите песни. Почивај во мир голем човеку и нека ти е светол патот. Ми беше чест да познавам некој толку позитивен и легендарен како тебе. Сочувство до семејството – напиша пејачката Сара Костадиновска.
„Откако дознав за неговата состојба и дека е хоспитализиран минатиот вторник, без размислување му пишав СМС за поддршка и побрзо закрепнување. Ми врати едноставно во негов стил „Ти си ми едно големо срце“. Е па денес тоа срце е тажно. Загубивме еден голем човек, пред сè татко, дедо, музичар, шоумен, професионалец и дефинитивно еден од најхаризматичните ликови во нашата земја и на естрадата. Ми беше чест што те познавав. Длабоко сочувство до фамилијата и блиските. До следно наше гледање пријателе. Легендите живеат вечно“, пишува Владимир Блажев од групата „ДНК“
„Многумина пробуваа да те омаловажат, но тоа го правеа луѓе кои не те познаваа. Беше и ќе останеш медиумски маг, човек пред времето, секој телевизиски производ повеќе од успешен, музичар од којшто многумина научија нешто. Како во музиката, така и во телевизијата беше неприкосновен. Зар треба ова да се случи за да сфатиме што сме имале? Зар е тешко да се почитува некој? Ако за еден уметник зборуваат делата, за тебе ќе се зборува уште долго. Нека ова нè поттикне да бидеме подобри и да го почитуваме она нашето. И ние овде имаме луѓе кои мораме да ги почитуваме додека се меѓу нас“, пишува пејачката Елена Велевска.
– Догледање Име. Ми свири „Липе цвату“ во моментов и сфаќам дека без твојата тамбура тоа немаше да биде тоа – објави писателот Драган Таневски.
„Почивај во мир, Драгане. Ти остави силна трага зад себе, за сите. Сочувство до семејството“, напиша пејачот и композитор Александар Митески.
„Лесна ти земја пријателе. Баш ми е жал. Сочувство до семејството“, напиша Бранко Огњановски.
„Почивај во мир Драган. Беше еден и единствен“, напиша пејачката Тамара Тодевска.
„Почивај во мир чичко Драган“, напиша пејачката Каролина Гочева.
Вучиќ беше композитор на бројни хитови како „Свирете ја Зајди Зајди“, „Ангели ме носат“, „Кажи ѕвездо“ а во 2005ж ја компонираше песната „Маке Мy Даy“ со која неговиот син, Мартин Вучиќ, ја претставуваше Македонија на Евровизија. Во 90-тите беше пејач на поп-фолк групата „Кода“. Познат е во јавноста и по бројните емисии и квизови како „Вашите пет минути“, „Среќни луѓе“, „Возење со Вучиќ“ и други.
Последен негов проект е „Гурмански муабети“, емисија која се снимаше низ повеќе земји на Балканот со познати пејачи, актери, артисти.
Драган Вучиќ почина на 65-годишна возраст.