Данската премиерка Мета Фредериксен се извини за случајот пред 69 години кога група од 22 деца беа однесени од своите домови во Гренланд во неуспешен социјален експеримент. Тие беа донесени во Данска за да бидат превоспитани како „мали Данци“ кои подоцна можат да се вратат и да ги негуваат културните врски.
Но само 16 се вратиле и биле сместени во сиропиталиште, а многумина од нив повеќе не ги виделе своите семејства. Од децата кои учествуваа во експериментот само шестмина се живи. Долгоочекуваното извинување го испрати данската премиерка Мета Фредериксен.
Хелен Тисен, едно од тие деца, која ја раскажала својата приказна за „Би-Би-Си“ во 2015 година, рече дека извинувањето и значело сè.
Гренланд сега е автономна територија во рамките на кралството Данска и се потпира на Копенхаген за управување со своите финансии, надворешни односи и одбрана, како и за обезбедување големи годишни субвенции.
Децата се од популацијата Инуит кои се автохтоно население на Гренланд. Од 57.000-те жители на Гренлад нивниот број изнесува 50.000.
Експериметот се случил во 1951 година кога данските власти одлучиле дека еден од начините за модернизирање на островот може да биде создавање „нов вид на Гренланд“.
Од наставниците и свештениците било побарано да ги изберат деца од Гренланд кои можат да бидат превоспитани и да добијат „подобар живот“ во континентална Данска, а потоа да се вратат за да бидат пример за односите меѓу Гренланд и Данска.
Многу семејства не сакале да ги предадат своите деца, но некои попуштиле и во мај 1951 година бродот „МС Диско“ испловил од Нук со 22 деца.
Хелен Тесен тогаш имала седум години. Таа истакна дека нејзината мајка, која по смртта на нејзиниот татко останала сама со три деца, рекла дека во Данска е „исто како во рајот“, порачувајќи и да не биде тажна кога ја испраќала.
По пристигнувањето, децата биле лишени од контакт со нивните семејства, имале потешкотии во разбирањето на јазикот и биле сместени во згрижувачки домови.
Тесен откри зошто ја одвеле дури во 1996 година, кога имала 52 години. Таа никогаш не ја обновила врската со нејзината мајка. Тесен рече дека повремено разговарала со едно од другите деца и дека тие „чувствувале загуба и недостаток на самодоверба“.
Извинувањето требаше да се случи многу порано, но претходните влади не се чувствуваа одговорни за целиот случај. Премиерката Мета Фредериксен, сепак, го смени тоа.
– Не можеме да го смениме она што се случи, но можеме да преземеме одговорност и да им се извиниме на оние за кои требаше да се грижиме и не успеавме – кажала Фредериксен.
Таа рече дека испратила писмо до секое од шесте лица, односно децата земени од Гренланд, кои се уште се живи, со порака „за безрезервно и долгоочекувано извинување во име на Данска“.
– Го следев случајот многу години и сè уште сум длабоко трогната од овие човечки трагедии – рече данската премиерка.
– Ми олесна што конечно се извинија. Тоа навистина е многу важно. Тоа значи сè. Јас се борам за ова од 1998 година – изјави Тесен за локалните медиуми.
Премиерот на Гренланд, Ким Килсен, изјави дека односите меѓу Данска и Гренланд напредуваат.
– Денес сме еднакви и заедно гледаме на минатото – рече тој.