Широките ногавици на панталоните, макси-фустаните, црно-белите комбинации, плетените комплети и корсетот се некои од модните трендови што ќе ги носиме во наредниот период
Мора да признаеме дека не очекувавме премногу од колекциите за пролет и лето. Во еден момент дури и се прашувавме дали ревиите воопшто ќе се одржат, и навистина во најголем дел, особено оние во Њујорк, се одржаа онлајн.
Сепак, дизајнерите успеаја да се истакнат со својата креативност и со тоа ги дополнија недостатоците наметнати од пандемијата. Секако, како едни од најинтересните презентации на колекција можеме да ги истакнеме куклите на Москино, но тука не станува збор само за начините на кои модните куќи бараа алтернативи за модните ревии. Фокусот беше насочен кон облеката, а се чини дека додека престојуваа дома, многумина имаа време да размислат што е модата и за кого ја создаваат, па затоа се добива впечаток дека никогаш не сме виделе повеќе вистински носливи парчиња во кои може да се замислиме самите себеси секој ден. Не беше лесно да се изберат само девет од нив, но се обидовме да ги издвоиме трендовите што сметаме дека ќе владеат по улиците во време кога мерките се олеснуваат и температурите растат, а животот станува барем делумно нормален повторно.
Розова боја – Уште на ревиите за есен и зима видовме вистинска експлозија на бои, која продолжи и во сезоната посоодветна за овој тренд, т.е. во пролетните колекции. Во уличната понуда сега имаме можност да видиме голем број парчиња во розова боја, кои најмногу се издвојуваат од целата разновидност – фустани, кошули, па дури и панталони. Бидете храбри и комбинирајте ги со други парчиња во светли бои.
Широки ногавици – Без разлика дали ги носите со патики или чевли со потпетици, јакни или блузи и корсети, широките панталони се голем тренд за претстојната сезона. Слободно изберете некои што ќе ве истакнуваат од толпата, можеби според кројот или бојата. За оние што се повеќе склони кон класични модели, секогаш постојат оние бои на песок и висината на средина на половината што полека почнуваме да ја гледаме во понудите на сите брендови.
Ѓердани – Едноставните ѓердани, златни, сребрени или во комбинација на два метали, може да се носат во сите пригоди. Оставете ги едноставни и не додавајте приврзоци на нив. За оваа пролет, дизајнерите се препуштија на минимализмот кога станува збор за накитот.
Плетени комплети – Шарената плетена облека инспирирана од 1970-тите години ќе доминира на улиците оваа пролет. Во колекциите може да се забележат пруги, брановидни линии или цикцак-модели на блузи, панталони, кардигани и туники, кои исто така може да се носат одделно, но ќе бидете вистинска ѕвезда со стил доколку ги носите заедно. Со чевли на високи потпетици ќе можете да ги носите на поформални настани, додека со рамни сандали ќе станат идеална дневна комбинација.
Фустани до подот – Најромантичен тренд оваа сезона се долгите фустани, кои речиси се влечат по подот. Ги видовме на пистите на Диор, Алберта Ферети, Валентино, Ердем и Мајкл Корс и бидејќи на сите им изгледаат еднакво добри, ги очекуваме наскоро на улиците и на Инстаграм. Претежно доаѓаат во една боја во светли нијанси, а со нив се вклопува кожен додаток – чевли и чанти.
Мокасини – Дизајнерите првпат ни ги претставија минатата година во обемни варијанти со нагласени потпетици. Потоа се вратија класичните мокасини со тенок ѓон, а на крајот се покажа дека можете да ги носите точно како што сакате – боси, со трендовски чорапи, со потпетици или рамни. Нема стил во кој не се вклопуваат, а напролет ќе бидат владетели на сечиј плакар.
Црно-бело од главата до петиците – И покрај фактот дека во пролетните и летните колекции никогаш не можеме да избегнеме шарени и цветни дезени, оваа година дизајнерите покажаа голем број црно-бели изгледи на модните писти, обично комбинирајќи ги двете бои истовремено. За пофалба е колекцијата на Долче и Габана, кои за своите фустани користеа ткаенини од минатите колекции.
Корсет – Корсетите се вратија на голема врата, но тие не ја донесоа со себе симболиката на угнетувањето што ја имаат, затоа што сега доаѓаат во природни материјали, кои не ја стегаат и намалуваат половината или спречуваат телото да дише. На модните писти, моделите ги носеа преку кошули и фустани или беа составен дел од нив. Ако го носите на гола кожа, проверете дали друга облека е посуптилна за да не оставите вулгарен впечаток.
Парчиња со исечоци – Скандинавките докажаа дека нивниот стил не е минлив тренд за една сезона. Токму кај нив често гледаме многу едноставни и елегантни комбинации, кои се истакнуваат со понекој необичен детаљ, како што е интересно деколте. Ако им се верува на дизајнерите на модни куќи, како „Фенди“, „Каролина Херера“ и „Миу Миу“, оваа пролет исечоците ќе се наоѓаат претежно веднаш под градите, а ребрата ќе бидат нова ерогена зона.