На 15 и на 16 мај во „Јавна соба“ со почеток во 19 часот ќе се одигра театарската претстава „Чиста хероина“ според текстот „Лична Ангелина“ (Чувари на честа) на Загорка Поп-Антоска Андовска, а во режија на Ѓорѓи Ризески.
„Лична Ангелина (Чувари на честа)“ е драма што е напишана во стих, со архаичен говор близок на епската песна „Болен Дојчин“, се случува во митско време, и го следи веќе воспоставениот однос на Болен Дојчин и сестра му, Лична Ангелина.
Режисерското читање на Ѓорѓи Ризески, го отфрла митското време и дејството го сместува во сегашноста, во една брачна соба, на поткровје и својот режисерски фокус го гради врз првата сцена во која Лична Ангелина ја отфрла искрената љубов на Црна Арапина, а со тоа и идејата дека светот може да биде помирен. Ликовите на Болен Дојчин, Умер Бичакчија, Митре Поморјаче и Павле Плетикоса драматуршки се споени и ги толкува Марко Илиќ, а ликот на Лична Ангелина, Надица Петрова. Оригинална музика за претставата работеше Александар Андовски. Музички соработник е Викторија Чочороска. Костимот и сценографијата се потпишани колективно.
Продуцент на претставата е центарот за образование, култура и уметност „Данаил Станојески“ популарно познат како ДАСТА-академија.