За време на неговата претседателска кампања, американскиот претседател Доналд Трамп често го критикуваше поранешниот претседател Барак Обама оти игра голф и изјави дека доколку тој стане претседател, ќе биде премногу зафатен за да ги посетува терените за голф, пренесува „Форбс“.
– Многу сакам да играм голф, но доколку сум во Белата куќа мислам дека нема да видам терен за голф повторно во животот. Единствено ќе седам во Белата куќа и ќе се „убивам од работа“- изјавил Трамп на митинг во февруари, 2016 година.
Трамп го прекрши ова ветување по нецели две недели откако стана претседател на САД, додека пак, Обама не посети терен за голф седум месеци по неговата инаугурација.
Една од причините поради која Трамп е во можност толку често да игра голф е фактот што тој наследи многу поволна економска состојба, за разлика од онаа која ја затекна Обама за време на големата рецесија.
Откако станал претседател, Трамп играл најмалку 88 рунди голф, се претпоставува дека играл вкупно 139 пати и ги посетувал терените за голф повеќе од 193 дена.
Овие патувања на Трамп се многу скапи и се многу поскапи од оние на Обама со оглед на тоа што Трамп патува многу почесто, најчесто со авион.
Се проценува дека трошоците за голф на американскиот претседател достигнуваат вредност од 105 до 108 милиони долари, а во случај да биде реизбран, тие би можеле да достигнат до 340 милиони долари, од парите на даночните обврзници. Сумата од 340 милиони е безмалку десет пати повисока во однос на трошоците на истрагата на специјалниот обвинител Роберт Милер, за наводното мешање на Русија во претседателските избори во 2016 година.