Актерот Хенк Азарија, кој го позајмува гласот за ликот на Индиецот Апу во популарната анимирана серија „Симпсонови“ јавно им се извини на Индијците по контроверзите што ликот на Апу ги предизвика во САД. Азарија го позајмува гласот на Апу уште од 1990 година. Тој претходно истакна дека е подготвен да се откаже од улогата или да биде заменет од азиски актер.
Азарија вели дека по критиките, тој читал доста и разговарал со луѓе во врска со расизмот, се консултирал и со Индијци за таа тематика, како и дека посетувал семинари. Иако Азарија инсистира дека ликот е создаден со добри намери, сепак вели дека анимираната серија е дел од „структурниот расизам“.
– Само затоа што имавме добри намери, тоа не значи дека немало вистински негативни последици поради она за што сум одговорен – изјави Азарија за време на подкастот на кој гостуваше и ѝ се извини на водителката Моника Падман, која има индиско потекло.
Во февруари, креаторот на „Симпсонови“, Мет Грејнинг, призна дека е потребна промена откако првично се обиделе да ги одбегнат критиките преку хумор. Засега, ликот на Апу е ставен во заден план додека се најде друг глумец кој ќе го позајмува гласот за сопственикот на супермаркетот „Квикимарт“.
Со оглед на тоа што глумците во „Симпсонови“ позајмуваат гласови на повеќе ликови, некои сметаат дека е пречувствително да се менуваат гласовите после толку многу години. Критичарите, пак, сметаат дека е природно глумците да им го позајмуваат гласот на различни луѓе, без оглед на тоа кое е нивното етничко или културолошко потекло.
– Мислам дека е најважно да ги слушаме луѓето од Индија и нивните искуства со ситуацијата. Подготвен сум да ја напуштам улогата. Мислам дека тоа е правилната одлука – кажа Азарија, притоа осврнувајќи се на потребата и барањата на гледачите ликовите во серијата да добиваат глас од припадниците на одредена раса или етникум поради автентичност. Азарија претходно истакна дека е вознемирен од фактот што ликот на Апу предизвикал страдање некому.
Расправијата за Апу стана актуелна во американската јавност од 2017 година, откако комичарот Хари Кондаболу го создаде документарниот филм „Проблемот со Апу“, во кој тврди дека репликата на анимираниот лик „благодарам, дојдете повторно“, била користена за исмевање на децата од азиско потекло во САД. Ликот со години беше критикуван за одржување на расните стереотипи во земјата.