Временска капсула за која се верува дека поминала скоро 4.000 километри од Арктичкиот круг е пронајдена во Гвидор, округ Донегал, во Република Ирска, објавува Би-би-си.
Софи Куран и Конор МекКлори, двајца ирски сурфери ја нашле и отвориле металната кутија, која е своевидна временска капсула и која ги чува спомените од екипаж на руски истражувачи на Северениот Пол.
Се верува дека кутијата ја преминала патеката од санти мраз во Арктичкиот круг до не толку ледените но прилично студени брегови на Ирска.
Кутијата содржела писма и фотографии од 2018 година, од руски брод мразокршач, наречен „50 години победа“, вториот по големина од таков вид во светот.
Куран и МекКлори ја нашле металната кутија кога биле во Гвидор за да ги видат условите за сурфање, како штио изјавил МекКлори за ирскиот весник „Донегал дејли“.
Тие одлучиле да ја отворат на отворено, за секој случај, затоа што не знаеле што има внатре, додал тој. Во кутијата се пронајдени писма, менија за храна, значки, подметнувачи за чаши, пумпи за вино и колекција фотографии од 2018 година.
Бродот „50 години победа“ е мразокршач за комерцијални патувања, за авантуристи кои сакаат да одат до Северниот Пол. Овој брод може да прими околу 140 патници и членови на екипаж, како и да скрши мраз длабок до 2,5 метри. Максималната брзина што може да ја достигне е 18 наутички милји на час. Временската капсула е создадена 2018 година, кога бродот носел туристи на Северниот Пол.
Во интервју за Би-би-си, Куран и МекКлори изјавиле дека биле пронајдени две писма на англиски јазик, но не било лесно да се најдат нивните автори. Успеале да го пронајдат авторот на едно од писмата, руска блогерка од Санкт Петербург со прекар Света. Блогерката им потврдила дека станува збор за кутија од 2018 година. Во разговор преку платформата Зум, Света им објаснила дека ја оставиле капсулата во мразот, кој сигурно се стопил, а кутијата испловила.
Куран и МекКлори раскажале дека „Света била шокирана кога слушнала дека кутијата е најдена толку брзо и дека многумина претпоставувале дека ќе поминат најмалку 30 или можеби 50 години, пред некој да ја најде“, додал МекКлори.
– Тоа само покажува колку брзо се топи мразот – заклучил Мек Клори.
Пронаоѓањето на кутијата се покажа како почеток на неочекувано пријателство. Ирците и Русите планираат да се сретнат кога епидемиолошката состојба ќе го дозволи тоа.
МекКлори и Куран велат дека останатите писма, напишани на руски јазик, ги испратиле до професорот Сајмон Донахју Носек во Чикаго, кој зборува ирски, руски и англиски. „Сега чекаме превод“, рекол МекКлори.