Вонземјаните постојат и можно е тие веќе да се наоѓаат меѓу нас на Земјата, вели Хелен Шарман, првата британска астронаутка.
Шарман за списанието „Обсервер“ изјави дека мора да постои живот некаде надвор од Земјата и додаде дека меѓу милијарди ѕвезди во универзумот несомнено е дека има голем број форми на живот, пренесе Би-би-си.
Оваа педесет и шестгодишна хемичарка, која е вработена во Кралскиот колеџ во Лондон, влезе во историјата кога во 1991 година ја посети советската вселенска станица „Мир“.
– Вонземјаните веројатно не се како луѓето. Можно е тие да се веќе меѓу нас и ние едноставно да не можеме да ги видиме – вели Шарман.
Во едно интервју, таа истакна дека е фрустрирана што медиумите обично пишуваат за неа како „првата Британка во вселената“, а всушност таа е првата личност од Велика Британија што била во вселената.
– Кога Тим Пик отиде во вселената, некои луѓе едноставно заборавија на мене. Би било „нормално“ еден маж да отиде прв, но морам да кажам дека сум среќна што го нарушив тој ред – истакна таа.
Од седумте Британци што биле во вселената, Шарман е првата што отпатувала таму. Таа имаше 27 години кога помина осум дена во вселената, со што стана една од најмладите луѓе што биле во вселената.
Поради фактот што престојуваше во вселената, Шарман сфатила дека најважни во животот се луѓето, а не материјалните работи.
– Таму горе имавме сè што ни требаше за да преживееме, соодветна температура, храна, пијалак и безбедност. Јас дури и не размислував за физичките работи што ги поседувам на Земјата. А кога летавме над одредени делови на планетата, секогаш размислувавме за луѓето што ги сакаме – заклучи Шарман.