Кога сум во Македонија сум многу возбуден и опуштен, затоа што моите домаќини секогаш ми ја пренесуваат таа специфична фамилијарна енергија. Кога сум во салата имам чувство дека свирам во својата дневна соба, вели Џибони
Златан Стипишиќ-Џибони, музичар
За десетина дена познатиот хрватски музичар Златан Стипишиќ-Џибони доаѓа во Скопје, каде што на 23 декември ќе биде главна ѕвезда на третото издание на фестивалот „Ол ју нид ис лав“, што го организира продукцијата „Авалон“. Местото на настанот е СРЦ „Борис Трајковски, каде што популарниот Џибо досега гостувал неколкупати, но ја полнел и арената „Метрополис“, а со него пеевме и на скопскиот плоштад… и низ цела Македонија.
За него, како што вели, публиката е фамилија, сродни души на кои им ги праќа неговите песни-пораки повеќе од 30 години, колку што трае неговата успешна музичка кариера.
Кажете ни дали концертите кај нас, сепак, по нешто се разликуваат од другите во регионот?
– Па, можеби се разликуваат, бидејќи кога сум во Македонија сум многу возбуден и опуштен, затоа што моите домаќини секогаш ми ја пренесуваат таа специфична, фамилијарна енергија. Кога сум во салата имам чувство дека свирам во својата дневна соба. Навистина ми е големо задоволство да свирам насекаде низ Македонија и му се радувам на скорешниот концерт во Скопје, тоа за мене е голем празник. Ќе дојдам со голема екипа и ќе го донесеме малку духот на Далмација, да ве згрее.
На вашите концерти вие целосно се давате и емотивно, но и физички, бидејќи губите и по неколку килограми, но што добивате за возврат?
– За возврат добивам потврда дека целиот овој пат имал смисла. Сметам дека таа моја прифатеност од публиката е голем благослов.
Публиката уште можете да ја купите со вашата искреност, но дали доколку во еден миг почувствувате дека веќе не е така и дека веќе не уживате во она што го правите ќе прекинете да настапувате, како што направивте и кога членувавте во групата „Осми патник“?
– Добро, „Осми патник“ престана да постои од други причини. Поради смена на неколку члена во бендот се загубија блискоста и хемијата, а јас сум зависен од тоа. Мислам дека меѓу музичарите мора да постои големо пријателство и почит. Многу подобро звучите кога се разбирате меѓусебно, отколку кога сте строг џандар. Односите меѓу членовите на бендот се многу послични на оние во едно семејство, отколку на оние во работна организација.
Повеќе од 25 години својата музика ѝ ја подарувате на публиката, издадовте десетина албуми, освоивте многу награди, сепак дали за вас е најголемо признание кога неколку милиони луѓе напамет ги знаат вашите стихови и ги пеат со вас на концертите. Ниеден писател нема таков тираж, зарем не?
– Слушајте, во мојот живот сѐ излезе подобро отколку што можев да замислам. Претпоставував дека ќе бидам препознаен од некој потесен круг луѓе, но ете се случи, без да правам компромиси, да доживеам голем успех. Слободно можам да кажам дека има вистинска публика, но таа е пребирлива и кога ќе се појави вистински филм, претстава или албум, луѓето велат „еве сме“.
Не сте единствен кантавтор на овие простори што постигнал огромен успех (Дедиќ, Креслин, Зоран Предин, Бора Чорба, Бајага, Штулиќ…), но ете за сите имаше место на таа некогашна поранешна југословенска сцена и сѐ уште истите вие полните сали и ги прескокнувате границите со музиката. Зошто, според вас, веќе нема такви величини?
– Најпрво сакам да ви се заблагодарам што ме ставивте во толку убаво друштво. Мислам дека порано, едноставно луѓето повеќе беа фокусирани на уметноста. Денес речиси неверојатно звучи податокот дека збирката песни на Арсен Дедиќ „Брод во шише“, само во Хрватска имаше тираж од 65.000 примероци. Во целиот свет денеска најголеми ѕвезди се Трамп и Путин, а не како некогаш „Битлси“ и „Роулингстонси“. Ете затоа и ни е така како што е (ха-ха).
Дали малото бротче во Сплит уште ги чува вашите сѐ уште необјавени песни? Очекувате ли некоја од нив да го повтори успехот на „Зашто правиш слона од мене“, „Цесарица“, „Либар“, „Темпера“, „Удица“…?
– Јас живеам во надеж дека музите повторно ќе чукнат на мојот прозорец. Едноставно, не верувам дека сѐ зависи од нас. Бидејќи, кога навистина би постоела формула како да се создаде голема песна, тоа би ни успевало секојдневно.
По подолга пауза од настапи, кој е за вас најдобар показател дека треба да се вратите на сцената?
– Најдобар знак е да имате некои нови, добри песни. Ако немате, тогаш подобро е да молчите.
Многу години соработувате со Влатко Стефановски, со кого ве врзува и големо пријателство. Тој исто така ќе биде дел и од вашиот скорешен концерт во Скопје…
– Всушност настапот во Скопје е наш заеднички концерт, но ние не сме единствени изведувачи. Ќе биде многу интересно. Мене ми претставува чест и привилегија секоја нова пригода кога ја делам сцената со Влатко Стефановски. Тој за мене е еден од петтемина најголеми гитаристи на светот. Но, исто така јас сум негов најголем трговски патник! Уживам да ги пуштам неговите снимки насекаде по светот и да гледам како луѓето остануваат затечени и шокирани од неговиот талент.
Живееме во чудно време во кое таблетите и виртуелниот свет ни ја окупираа реалноста. Како да ја смениме таа зачмаеност. Дали креативноста и емоциите можат да ги урнат овие духовни огради?
– Се разбира. Ниедна секунда не треба да се сомневаме во тоа. На крајот убавината секогаш ја победува ништожноста.
Влатко Стефановски: Џибони е вистински филозоф
Нашиот познат гитарист Влатко Стефановски на фестивалот „Ол ју нид ис лав“ ќе настапи со своето трио, но во неколку песни ќе му гостува и на Џибони.
– Се радувам што повторно ќе го видам Џибони и му благодарам на неговите комплименти. Секогаш е големо задоволство да се свири со него. Ние долго соработуваме и во меѓувреме станавме добри пријатели и кога имаме можност водиме бескрајни разговори на интересни теми, за кои ретко наоѓаш добар соговорник. Џибони е мислител, тој е малку музичар, малку филозоф и разни теории гради за разни белосветски појави. По чаша-две испиено вино, и од негова и од моја страна, нашите разговори се претвораат во неверојатни приказни – открива Влатко Стефановски.