Вечерва, во 20 часот, во Галеријата на МКЦ ќе се одржи отворање на самостојната изложба на Симонида Филипика Китановска, насловена „Додека не беше тука“ на која ќе бидат изложени големи платна насликани со туш, акрилна боја и мешавина на пигменти. На отворањето поезија ќе рецитира Ахмед Буриќ, придружен со музички перформанс на „Тони и пријатели“.

– „Додека не беше тука“ може да биде длабоко интимно, трагично чувство за светот и за нешто што некогаш се случило. Може да биде заминување на некоја епоха. Или почеток на нова. Ако се навратиме кон она дека убавината е во окото на оној што гледа, повторно ќе се вратиме на почеток, во точката од која сѐ започна – секое заминување е нешто во кое е запишано враќањето – вели Ахмед Буриќ.