Гренланд е на пат во овој век да изгуби многу повеќе мраз, за разлика од кој било друг период од 12.000 години додека процутувала човечката цивилизација.
Студијата објавена пред неколку дена во магазинот „Нејчр“, нуди нови докази за најсеверниот дел од Земјата, кој содржи количество смрзната вода што може да го подигне глобалното ниво на морето за 24 метри. Гренланд влезе во период на нагло опаѓање на мразот и постои веројатност во целост да се стопи ако луѓето продолжат да ги употребуваат фосилните горива во сегашните размери.
Студијата исто така ја става на страна идејата дека неодамнешните големи топења на глечерите во Гренланд се дел од природен циклус, за што сведочи и брзината на топење на глечерите, во споредба со кој било друг период од минатото. Се верува дека овој век ќе биде единствен кога станува збор за промена во природата во последните 12.000 години – вели авторот на студијата Џејсон Бринер, глациолог од Универзитетот во Бафало.
Во текот на последните 40 години, забрзаното затоплување предизвика и побрзо топење на мразот. За да го постават овој тренд во поширок историски контекст, научниците користеле записи за раст и топење на ледените плочи во текот на илјадници години. Истражувачите се обиделе да ги реконструираат промените во дебелината на мразот на Гренланд низ целиот холоцен со користење изотопи на кислород во внатрешноста на ледените јадра, што дава индикации за претходните температури.
– Луѓето го обликуваа мразот на Гренланд, луѓето ќе го обликуваат и во иднина. Досега не е користен овој метод за време на каква било анализа, што ги поврзува минатото и иднината – вели Бринер.
Бринер и неговите колеги ги пополнија „празнините во времето“ со нови податоци и во тој процес го реконструираа топењето на Гренланд на софистициран начин. Тие комбинираа модел на ледена плоча со податоци за температурата и снежните врнежи од неколку ледени јадра, кои ги собраа од целиот континент. Потоа ги поврзаа овие информации со климатски модел, тестирајќи различни сценарија, користејќи ниски и високи емисии на јаглерод, за да ја утврдат потенцијалната иднина на ледениот слој. Резултатите покажале дека моменталната брзина со која се топи Гренланд е поекстремна од кој било друг период во холоценот. Во овој век, Гренланд може да изгуби 6.100 милијарди тони мраз, ако продолжи просечната стапка на топење од 2000 и 2018 година.