Пресреќна сум што ја добив покана од „Универзал мјузик“ и што ќе имам можност да бидам дел од меѓународниот проект „Планетарен оркестар“. Станува збор за оркестар во кој ќе има по еден музичар од секоја земја во светот. Јас ќе бидам репрезент од Македонија, како прва виолина, вели Јаневска
Познатата македонска пејачка, композиторка и музичарка Андријана Јаневска ќе биде единствен македонски претставник во проектот „Планетарен оркестар“ на „Универзал мјузик“ од Лондон.
– Пресреќна сум што ја добив поканата од „Универзал мјузик“ и што ќе имам можност да бидам дел од меѓународниот проект „Планетарен оркестар“. Станува збор за оркестар во кој ќе има по еден музичар од секоја земја во светот. Јас ќе бидам репрезент од Македонија, како прва виолина. Инаку, композицијата што ќе ја изведуваме носи наслов „Together is beautiful“ и е дело на светски познатиот композитор Џорџ Фентон, кој е добитник на наградата „бафта“ и номиниран за „оскар“. Познат е по музиката што ја компонира за документарните серии на Би-би-си, „Сината планета“ и „Планетата Земја“. Делото ќе се снима во студиото „Еби Роуд“ во Лондон, каде што некогаш снимале и славните „Битлси“, под диригентската палка на самиот композитор – ни откри Андријана Јаневска.
Таа веќе го потпишала договорот за соработка.
– Наскоро треба да снимам и клипче на кое ќе се претставам и на англиски јазик, каде што ќе кажам која сум и од која земја доаѓам. Изјавите на сите учесници ќе бидат дел од документарецот што ќе се реализира за проектот. Идејата е феноменална и многу сум среќна што токму јас ќе ја претставувам Македонија, затоа што веќе е докажано дека нашата земја, ова наше инспиративно поднебје, е расадник на одлични музичари. Верувам дека музиката на композицијата „Together is beautiful“ ќе успее да го обедини целиот свет, со својот универзален јазик – посакува Јаневска.