Американските средношколци годинава нема да одржат матурски забави, да полагаат државни и училишни матури, но затоа ќе споделуваат сеќавања и ќе ги слават меѓусебните достигнувања преку Интернет, пишува „Њујорк тајмс“.
Со појавата на коронавирус училиштата се затворија, а многумина средношколци нема да добијат шанса да имаат матурска забава.
Како резултат на тоа виртуелните алманаси и објавите на Инстаграм се појавија како можност за одбележување на постигнувањата и споделување на сеќавања.
Средношколците во САД имаат бројни објави во кои се прикажани нивните портрети и плановите по завршување на средношколското образование.
Еден локален интернет-портал на Флорида создаде виртуелен споменар на својата веб-страница за матурантите во таа област.
– Матурантите во 2020 година нема да имаат матурска забава, а можеби и училишни и државни матури, но ние сме сигурни дека тие ќе го добијат својот алманах – пишува на веб-страницата.
Матурантите од средното училиште од Атланта поставија страница на Инстаграм каде што можат да ги споделат своите планови по матурирање, вклучително и за запишување на универзитети и идните професии.
Учениците од средното училиште „Броднек“ во Анаполис стартувале слична страница на Инстаграм, а исто така ја користат функцијата за „инстаграм-приказни“ за да ги објават информациите за родендените и да соберат идеи за виртуелна прослава на матура.
На друг профил е направена мапа на дестинации за да следи каде ќе бидат учениците наесен, со можност да ги додадат нивните информации за да останат во контакт.
Во вторникот, актерот Џон Красински објави дека ќе биде домаќин на виртуелна церемонија на матурирање на неговото јутуб-шоу „Некои добри вести“. Актерот не спомена конкретен датум за церемонијата, но тој побара од матурантите и дипломците од генерацијата за 2020 година преку Твитер да му испратат видеа од нивните говори.