И покрај трите „оскари“, Даниел Деј Луис го напушти актерството, Џин Хекман веќе 15 години не застанал пред филмските камери, Роберт Редфорд само режира и продуцира филмови, Шон Конери изјави дека би се појавил на големиот екран само во продолжение на серијалот за Индијана Џонс, а Камерон Дијаз вели дека сега конечно го пронашла својот мир… Колку и да се успешни, богати и славни, некогаш се случува познатите глумци, некои и закитени со „оскар“, поради некаква нивна причина да посакаат порано да ја завршат кариерата. Еден од нив е Џек Глисон.
Обожавателите го идентификуваа Џек Глисон со ликот во „Игри на престолот“
Иако пред 27-годишниот Ирец била извонредна актерска кариера, бидејќи е еден од јунаците на мегапопуларната серија „Игри на престолот“, тој одлучил да се повлече. Наспроти неоспорниот факт дека брилијантно ја одигра улогата на кралот Џофри Баратеон, Џек изјави дека веќе не ја сака актерската професија како порано и оти таа не е она со што би сакал да се занимава во иднина. Младиот Ирец признал дека не му се блиски ни светлата на Холивуд и оти повеќе е наклонет кон едноставен живот без сјај.
Можеби на одлуката за заминување влијаеше и реакцијата на гледачите на улогата на Баратеон, ликот што Глисон го претстави како насилен и циничен крал, онака како што пишуваше во сценариото и како што од него бараше режисерот.
Тој толку добро ги исполнил задачите што гледачите едноставно сакале да го мразат. За жал, младиот глумец не успеал да направи линија што ги одделува фикцијата и реалниот живот. Обожавателите го идентификувале со насилниот лик, кој брилијантно го одиграл, и му испраќале заканувачки пораки, па веројатно тоа е една од причините поради кои Џек Глисон одлучил да се повлече од малите и од големите екрани. Навистина времето е пред него, па можно е еден ден да се премисли и повторно да им го претстави на гледачите својот раскошен талент.
Теренс Хауард замина во доброволна пензија
Американскиот глумец и пејач Теренс Хауард неодамна јавно соопшти дека се повлекува од светот на глумата. Него ќе го гледавме во шестата, завршна сезона на серијата „Империја“. Тој е одлучен во намерата од светот на глумата да се повлече веднаш по завршувањето на сезоната. Во оваа серија Хауард го толкува ликот на Лушус Лајон, музички маг. Откако неодамна доби своја ѕвезда на Патеката на славните, глумецот доброволно замина во пензија, бидејќи сака да се насочи кон нешто ново, различно од глумата. Ќе видиме дали оваа одлука ќе биде дефинитивна.
Камерон Дијаз му се посвети на семејството
Славната холивудска глумица Камерон Дијаз, омилената хероина од голем број романтични комедии, не снимила ниеден филм уште од 2014 година.
– Чувствувам мир во душата и конечно сама се грижам за себе – вели таа. Актерката е свесна дека луѓето не разбираат зошто го направила тоа, но тврди дека морала.
– Кога ќе сфатите колку сте изложени пред јавноста кога снимате филмови и имате чувство дека сите други располагаат со вас и со вашиот живот, само не вие, принудени сте да свртите друг лист – вели Камерон, која има 47 години и ужива во семејната идила со сопругот, рокерот Бенџи Мејден, и нивната ќеркичка Радикс, која на свет ја донесе сурогат мајка.
Роберт Редфорд нема да глуми, ама ќе режира и ќе продуцира
Легендарниот глумец Роберт Редфорд, иако има 80 години, полн е со планови и идеи што се поврзани со филмот, ама не и со актерскиот занает.
Зад него се 60 години успешна филмска кариера, а во својата биографија забележал и два „оскари“ и основање на филмскиот фестивал „Санденс“, кој со текот на времето стана еден од најзначајните американски фестивали на независни филмови. Редфорд официјално најави дека ја завршува својата актерска кариера по завршувањето на двата филма во кои учествува, но останува во филмската индустрија како режисер и продуцент. Истовремено, изрази желба да се фокусира на други работи што го интересираат и повеќе време да минува цртајќи, бидејќи досега не можеше да го прави тоа поради многубројните обврски.
Порша де Роси ги замени ТВ-проектите со животни задоволства
Австралиско-американската глумица Порша де Роси, ѕвездата на сериите „Али Макбил“ и „Скандал“, исто така најави крај на актерската кариера. Таа вели дека пред 45-от роденден ненадејно сфатила дека на светот има и други занимања освен глумата што може да и бидат интересни. Откако направила исклучок и, сепак, прифатила да се појави во серијата „Санта Кларита“, која е завршена минатата година, Порша веќе не е вклучена во телевизиски проекти.
На Даниел Деј Луис секое враќање од илегала му е поврзано со „оскар“
Во доброволна пензија замина и извонредниот британско-ирски глумец Даниел Деј Луис, кому кралицата му ја додели и титулата сер. Откако се повлече, тој сега произведува мебел и го изучува чевларскиот занает во Италија. Пет години долгата пауза ја прекина по молба на Мартин Скорсезе, кој не се смири додека Даниел најпосле не прифати да глуми во филмот „Бандите на Њујорк“, кој му донесе уште една номинација за „оскар“. Инаку, тој е единствениот глумец што трипати ја добил златната статуетка за најдобра машка улога, а бил номиниран шест пати. Последната номинација следуваше по извонредно одиграната улога на Рејнолдс Вудкок во филмот „Фантомска нишка“, во 2017 година, по што повторно се повлече во илегала.
Џин Хекман пишува авантуристички романи
Глумецот што со светот на подвижните слики прекинал уште пред петнаесетина години и цврсто се придржува до својата одлука е Џин Хекман. Во текот на 40-годишната успешна кариера немал никакви пропусти и бил еден од најбараните глумци во Холивуд во втората половина на 20 век. Освоил два „оскари“ за најдобра машка улога, во 1972 и 1993 година. И тој како и Даниел Деј Луис, пред дефинитивното заминување во 1980-тите, направил уште еднаш прекин во кариерата, но се премислил. Меѓутоа, во 2004 година одлуката беше конечна и сега пишува и објавува авантуристички романи, далеку од филмските камери. Досега објавил три книги.
Шон Конери би се вратил само во продолжение на „Индијана Џонс“
Шкотланѓанецот Шон Конери, кого некои и денес го сметаат за најдобриот Џејмс Бонд на сите времиња, неодамна наполни 90 години. Тој од светот на филмот се прости во 2006 година, а последниот филм му беше „Лига на исклучителни џентлмени“. И тој е награден со титулата сер, а на медиумите им изјави дека би застанал повторно пред филмските камери само ако се снима продолжение на серијалот за авантуристот Индијана Џонс, каде што го играше професорот Хенри.